
Пратеничката група на СДСМ која ги предложи промените смета дека со тоа се става крај на долгогодишна лоша реформа во образованието.
„Ова беше една лоша реформа за која учениците и наставниците протестираа, кампуваа и повикуваа на нејзино укинување, со цел да добијат поквалитетно образование. Оваа реформа не е отфрлена поради тоа што учениците не сакаат да учат, туку зашто е беспредметна и наметната. Сакам да им честитам на сите Пленумци што истрајаа во напорите и конечно го дочекаа овој ден. Ова е прва победа на парламентарното мнозинство“, рече пратеничката Ивана Туфегџиќ.
На денешната седница пратениците ги донесоа и измените на изборниот законик со кој локалните избори се одложуваат или треба да се одржат во првата половина на октомври. Со ова законско решение се пролонгира мандатот на градоначалниците и на советите на општините.
На седницата не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои на расправата не дојдоа поради нападот врз министерот Никола Тодоров.