Уставниот суд на Република Македонија денес треба да одлучи по иницијатива за Изборниот законик со која се оспорени членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. На дневниот ред од денешната седница закажана за во 9:30 часот се предвидени и осум други иницијативи за оценување на уставност/законитост и три барања за заштита на слободи и права.
Подносителите на Иницијативата за Изборниот законик сметаат дека со оспорените членови се прави измена на членовите 61 и 62 од Изборниот законик , кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 % од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите, спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.
Од Светскиот македонски конгрес е оспорен правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесеното барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти
Во иницијативата се наведува дека оспорениот правилник е донесен врз основа на одредба од Законот за личната карта која престанала да важи со што не може да произведува права ниту пак врз нејзина основа да се преземаат правни дејства. Во одредбите на Законот не е извршена измена на зборовите „Република Македонија“ со „Република Северна Македонија“, со што оспорениот правилник не е во согласност со Законот за лична карта и со Уставот. Подносителот смета дека е недопуштена промената на името на државата со подзаконски пропис, во случајов со оспорениот правилник, со што истиот не е во согласност со одлуките на референдуми од 08.09.1999 година и од 30.09.2018 година и со член 1 став 1 и член 2 од Уставот. Издавањето на лични исправи за едни граѓани со името на државата Република Македонија, а за други со името „Република Северна Македонија“ ги прави граѓаните нееднакви пред Уставот и законите.
Подносителот наведува дека поради суспензијата на правото на жалба или друг вид на правна заштита на издавањето на личната карта како поединечен правен акт, бара Уставниот суд да го поништи оспорениот правилник. Исто така, подносителот наведува дека никаде во Законот за лична карта не е утврдено дека престанува важноста на нејзината употреба поради промена на името на државата и со присилна замена на личните карти, со општ пропис, државата ја суспендира нивната важност доколку на нив не е впишано новото име на државата и тоа со обврска трошокот на замената да биде на товар на граѓанинот.