По деветтото место на Светскиот шампионат минатата година, машката ракометна репрезентација на Македонија до 20 години ќе игра за таков пласман и на Европското првенство во Словенија против подобриот меѓу Франција и Хрватска, откако во разигрувањето ја совлада Унгарија со 27:26.
„Црвено-жолтите“ беа подобри во најголемиот дел од првото полувреме, но Унгарците заминаа на паузата со водство од 16:14.
Унгарија имаше и предност од 18:15 во 35. минута, но со таква позитива во завршницата влегоа избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ, кои во драматичниот финиш ја сочуваа благодарејќи на тоа што противникот погоди за продолженија една секунда по предвидените 60 минути!
Десниот бек Димитар Узунчев повторно беше прв стрелец во македонскиот тим со 8 гола од 13 удари, пред пикерот Валентин Карасманакис со 5/7, а средниот бек Мирче Калајџиески придонесе со 4/5 за четвртата победа во седмиот меч на првенството, на кој Македонија два пати ремизира и има еден пораз – од Франција.