Неапсењето на рускиот претседател Владимир Путин кој беше во посета на Улан Батор, Монголија, кој се бара со потерница на Меѓународниот кривичен суд (МКС), му нанесе сериозен удар на меѓународниот казненоправен систем, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи, цитирано од Ројтерс.

Путин пристигна во посета на Монголија на 2 септември. Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот лидер во 2023 година.

Тој ги обврзува 124-те земји-членки на судот, вклучително и Монголија, да го уапсат и да го предадат на судење во Хаг доколку стапне на нивна територија.

Наредбата на МКС го обвинува Путин за незаконско депортирање на стотици деца од Украина. Кремљ го отфрли обвинението, велејќи дека е политички мотивирано.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Георги Тихи изјави дека неуспехот на Монголија да го приведе Путин е тежок удар за Меѓународниот кривичен суд и за системот на кривичната правда.

Според неговите зборови, Монголија дозволила обвинетиот криминалец да ја избегне правдата. Претходно оваа недела, Киев ги повика властите во Улан Батор да го уапсат Путин за време на неговата посета на земјата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва не е загрижена за каква било акција по налогот за апсење на Путин. Тој нагласи дека Русија има одлични односи со Монголија и однапред се разговарало за сите аспекти од посетата на шефот на државата.