Уапсен обезбедувач на училиште во Бугарија кој ги терал децата да скандираат „Да живее Македонија“! (ВИДЕО)

Припадник на обезбедувањето во училиштето „Никола Војводов“ во бугарскиот град Враца е приведен поради „антибугарски повици и коментари“, меѓу кои и терањето деца да викаат „Да живее Македонија“, се вели во прилогот на комерцијалната Бугарска телевизија (БТВ).

На видеото кое кружи на социјалните мрежи се гледа како мажот снима ученици и ги повикува да скандираат „Да живее Македонија“, а кога едно од децата ќе му возврати „Да живее Бугарија“, обезбедувачот низ смеа му довикнува „Ќе те претепам“.

Тој одел во живо на Тик-ток, фотографирајќи ги учениците, како и училишниот персонал. Ги нарекувал децата „изроди“, а користел и квалификации како „туркомонгол“ и „бугарофашисти“. Сите коментари се дадени во форма на смеа.

„Нашиот вработен, вратарот Петков, си дозволил нелегално да снима ученици, без дозвола од нивните родители. Ги снимал колегите, без нивно знаење, и емитувал во живо од неговото работно место, што е апсолутно кршење на работната дисциплина и етичкиот кодекс за работа со деца и ученици“, изјави директорката на училиштето, Снежанка Каменова.

На видеата обезбедувачот снимал и наставници без нивно знаење. Според директорката Каменова, двајца од професорите по историја тврдат дека не знаеле оти некој ги снима. Тие беа во фоајето, а тој им поставувал прашања поврзани со историски факти.

„Ова лице е вработено кај нас речиси година и половина. Тој пушташе гласна музика во портирницата, за што беше санкциониран со забелешка во октомври, но оттогаш немаме никакви забелешки против него“, објаснува директорката Каменова.

Таа додава дека поради сериозноста на инцидентот, на вработениот најверојатно ќе му биде врачен отказ.

Прилогот на БТВ на линкот.