Во извештајот од надзорот за работата односно застојот на работата на патните правци Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип констатирани се проблеми со нестабилност во косините, потреба од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни и станбено деловни објекти, неусогласеност на проектната документација со состојбата на терен, потреба од дополнителни заштити и потпори на тунелите поради лошите материјали. Од Владата потврдија дека има проблеми и тоа не само со автопатот Кичево-Охрид, туку и на делницата Миладиновци-Штип.
Премиерот Зоран Заев најави средби со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите со цел изнаоѓање брзо решение. Се огласи и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски кој предупреди оти стравува дека голем дел на дополнителните средства за интервенциите на терен ќе треба да бидат одвоени од државниот буџет.
Од друга страна од ВМРО ДПМНЕ низ соопштение порачаа дека тоа е една од најкапиталните инвестиции во инфраструктурата во Република Македонија, која ја испланира и започна Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и единствено што му останува на СДСМ е да го доврши овој проект од големо значење за целата држава.
Пропустите во изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип ќе однесат нови 100 милиони евра кои ќе бидат додадени на основните 500 милиони евра кои беа првична цена на чинење за двете делници. За ова СЈО веќе има покренато постапка под име „Траекторија“ и во неа се осомничени четири поранешни владини функцинери. Првоосомничен е екс премиерот Никола Груевски. Тој се товари дека во 2013. година ги пречекорил своите овластувања и го оштетил буџетот за 155 милиони евра со тоа што тој и другите обвинети презеле дејства договорот за изградба на автопатот да и биде доделен на кинеската фирмата „Синохидро“.