Трошановски: Одвојувањето на РМ од Албанија ќе влијае врз внатрешната стабилност и ќе го зголеми притисокот за уставни промени!

„На Македонија ѝ се повтори Букурешт 2008 година кога на Самитот на НАТО Грција ѝ стави вето за членство, затоа што не го сменила името. Сега Европската Унија во име на Бугарија става вето за Македонија и таа нема да ги почне преговорите со отворање на поглавјата. Ова не е крајот на светот за Македонија. Таа настрада, поради двојните стандарди на Унијата, непринципиелниот однос на Бугарија, која се однесува империјалистички, и поради тоа што премногу ветил Заев, а сега се бара од Мицкоски да го даде тоа на штета на нацијата. Познавачите на околностите велат дека сега е одлична можност да се направи домашната математика, да се преиспитаат сите стратегии и политики и да се извлече националната корист. Штетите веќе се големи и за двете земји и чкорчето е запалено до листовите, на кои е напишан и потпишан Договорот за добрососедство и соработка.“ – се нагласува во анализата со наслов „Бугарија смислено го распакува пакетот ‘Македонија-Албанија’?“, која е објавена во весникот „Нова Македонија“.

Натаму, покрај другото во анализата се истакнува: Земјава го промени името и ЕУ, иако вети дека тоа е последен услов, многу брзо го смени ставот и наметна нови услови: најпрво нова преговарачка методологија, а потоа и промена на Уставот и впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест во највисокиот правен акт. Македонските власти побараа европски гаранции дека уставните измени ќе бидат последниот услов за Македонија, а Брисел одговори на тоа со раздвојување на Македонија и Албанија од преговарачкиот пакет. Со ова ЕУ испрати порака дека нема гаранции нема и оти Македонија не може да оди напред сѐ додека ги исполни сите барања, што ќе ги наметне Бугарија, исто онака како што тоа го направи Албанија, задоволувајќи ги барањата на официјална Софија за регистрација на наводното бугарско малцинство.

Што би значело одвојувањето за Македонија од Албанија? Дали тоа ќе се одрази на внатрешната стабилност, имајќи ги предвид позициите на албанските партии во земјава? Дали зад сето тоа се крие намерата на Бугарија да ја држи Македонија под постојана блокада и без европска перспектива, за да ги остварат своите асимилаторски цели?

Раководителот на Институтот за демократија Марко Трошановски смета дека зад бугарската блокада се кријат злонамерни мотиви. Според него, одвојувањето на Македонија од Албанија ќе влијае и врз внатрешната стабилност. „Албанската заедница во Македонија ќе има отпор кон досегашниот статус кво и тој ќе се зголемува сѐ повеќе. Ако напредува Албанија напредува во процесот, тој отпор ќе станува поизвесен и неминовен.“ – посочува Трошановски.

Тој додава дека во следниот период ќе се зголеми притисокот кон Македонија за уставни измени, надворешен и на внатрешен од албанската заедница во земјава. „Македонските граѓани не се подготвени да прават дополнителни отстапки за отпочнување на преговорите. Се соочуваме со исклучително тешка парадоксална ситуација, од која никој не знае како ќе излеземе. Целата грешка беше направена од претходната влада и со прифаќањето на францускиот предлог, со кој земјата се доведе во безизлезна ситуација.“ – нагласува Трошановски.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски искажува став дека нема ништо да се промени и ако Албанија сама одржи меѓувладина конференција, бидејќи ЕУ го кочи проширувањето. „ЕУ ни вети пред пет години дека ќе ги почнеме преговорите, ако го смениме името. Но дали ЕУ сака воопшто да ги почнеме преговорите? Таа ги започна преговорите и со Србија и со Црна Гора, па се до никаде. Прашањето е колку ЕУ во моментов е расположена и способна да води преговори за проширување кога внатрешните реформи во неа, кои се одложуваат во изминатите 15 години, повторно не се до никаде.“ – вели Божиновски.

Според него, функционалноста на Европската Унија е нејзин најголем проблем. „Добар показател каде ќе се движат работите е дали по изборите во Бугарија ќе се формира политичка влада и каков ќе биде натамошниот однос меѓу македонската и бугарската влада и особено меѓу Европа и САД. од една страна, и Македонија и Бугарија, од друга страна, во контекст на решавање на тој спор и приклучување на тој воз кон ЕУ, или официјално почнување на преговорите со ЕУ. Симболично многу значајно е Македонија да ги започне тие преговори со Унијата.“ – заклучува Божиновски.