Локалната самоуправа е задолжена да обезбеди питка вода за пиење за граѓаните. Нашата интенција беше да помогнеме затоа што видовме дека локалната самоуправа не успеа да го изменаџира процесот, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски откако вчера општина Струмица најави напуштање на ЗЕЛС.
За потсетување градоначалникот на Струмица, Коста Костадинов потенцираше дека општината го напушта ЗЕЛС поради „политички игри“ и индиферентниот однос кон градот и нејзините граѓани во периодот кога се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење и поради одбивањето на единствениот проект од Струмица за користење на средства од унгарскиот кредит. Трипуновски вели дека во целата ситуација нема никаква политика од страна на Владата и дека единствената интенција на Министерството била да и се помогне на општината за надминување на проблемот со водата за пиење.
– Согласно законите, обврска на локалната самоуправа е водата што ја добива во филтер станицата да ја доведе во фаза на питкост за да ја дистрибуира до граѓаните и тука не сакам да вметнувам политика. Нашата интенција беше да се ставиме на располагање бидејќи гледавме дека локалната самоуправа слабо го менаџираше тој процес и тоа беше практично целата наша активност.
Тоа што градоначалникот на Струмица и сите претходни градоначалници не инвестирале доволно во филтер станицата говори за нивното работење во минатото. Не е одговорноста на Владата, одговорноста е на локалната самоуправа – рече Трипуновски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната дебата во Владата посветена на земјоделството, локалната самоуправа и животната средина.
Општина Струмица вчера официјално соопшти дека излегува од ЗЕЛС, а таков потег најави и градоначалникот на Карпош. За денеска е закажана нова прес-конференција на градоначалникот на Карпош.