Трајковски осми во скок во далечина на ЕП во сала во Холандија

Андреас Трајковски го освои осмото место во скок во далечина на Европското првенство во атлетика во сала што се одржува од 6 до 9 март во Апелдорн, Холандија.

Првиот Македонец што се изборил и настапил во финале на големо атлетско натпреварување прескокна 7,65 метри во третата серија, откако во првата имаше 7,59 м, во четвртата 7,63 м, а во останатите три направи престап во својот дебитантски настап на ЕП во сала.

Најдобриот скок во финалето на единствениот македонски претставник на шампионатот е покус за 20 сантиметри од тој што вчера му донесе седмо место во квалификациите, нов личен и државен рекорд на Македонија, но и со тие 7,85 м денеска немаше да биде подобро пласиран.

Сепак, на 31-годишниот Андреас, роден во Копенхаген, чиј татко и тренер Христијан Трајковски е некогашен шампион на Данска на 100 м и на 200 м, му се исполни желбата кога на 8 февруари 2022 година го замени данскиот со македонски дрес да направи нешто големо за Македонија.