Тимот на Доналд Трамп ќе почне да работи на преговори меѓу Русија и Украина уште од првиот ден од мандатот на новоизбраниот претседател на САД, кој започнува на 20 јануари, најави неговиот „пик“ за нов советник за национална безбедност Мајк Волц.

Говорејќи за Фокс њуз во неделата, Волц нагласи дека клучен приоритет ќе биде организирањето разговори меѓу Русија и Украина, со цел да се зближат двете страни за да преговараат за прекин на огнот или за мировен договор.

„Треба да разговараме кој ќе седне околу масата, дали тоа ќе биде договор, примирје, како да се стават двете страни на преговарачка маса и потоа кој е опсегот на договорот“, рече тој.

Конгресменот од Флорида, исто така, ја истакна важноста од вклучување на европските сојузници на Америка во процесот.

„Сите наши сојузници и партнери треба да го понесат овој товар“, рече тој, нагласувајќи дека за решавање на конфликтот ќе биде потребна меѓународна соработка.

Како пензиониран полковник и некој што се смета за експерт за закани по националната безбедност, Волц изрази уверување дека администрацијата на Трамп ќе работи брзо за да стави крај на конфликтот.

„Треба да го доведеме ова до одговорен крај. Треба да ги вратиме одвраќањето и мирот, да ја спречиме оваа ескалација, наместо да реагираме на неа“, рече тој.