Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори на идејата на американскиот претседател Доналд Трамп и му понуди партнерство околу украинските резерви на ретки метали и минерали.
Претходно оваа недела, Трамп објави дека сака Украина да испорача клучни ресурси до САД во замена за финансиска помош.
„Ако зборуваме за договор, тогаш да се договориме, ние сме за тоа“, рече Зеленски во синоќешното интервју за Ројтерс.
Иако истакна дека Киев не предлага „да ги даде своите ресурси“, тој нагласи дека е отворен за партнерство.
Ретките метали се група од 17 елементи кои се клучни во производството на високотехнолошки магнети, електрични мотори и електроника за широка потрошувачка.
Зеленски истакна дека Украина има најголеми резерви на титаниум и ураниум во Европа. Според Светскиот економски форум, Украина би можела да стане клучен снабдувач на литиум, берилиум, манган, галиум, циркониум, графит, апатит, флуор и никел.
„Украина е многу богата земја. Тоа не значи дека ние некому ништо би дале, дури ни на стратешки партнери. Зборуваме за партнерство…
Да го развиеме заедно, да заработиме пари и што е најважно, да ја гарантираме безбедноста на западниот свет“, рече Зеленски.