Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави победата на конзервативците на вонредните парламентарни избори во Германија.
„Се чини дека конзервативната партија однесе голема и крајно очекувана победа на изборите. Слично како во САД, народот на Германија се умори од агендата без здрав разум, посебно за енергијата и имиграцијата, која преовладуваше многу години. Ова е голем ден за Германија и за Соединетите Американски Држави под водство на господинот со име Доналд Трамп. Честитки за сите – следуваат уште многу победи!!!“, порача Трамп преку својата социјална мрежа Трут сошал.
Според првичните резултати на изборите со излезеност од 84 проценти убедливо води партијата ЦДУ на извесно новиот канцелар Фридрих Мерц во коалиција со ЦСУ, која освои 28,5 проценти од гласовите, пред крајнодесничарската АФД со 20 отсто, нејзин најдобар резултат досега.
СДП на досегашниот канцелар Олаф Шолц освои само 16,5 отсто гласови, што е најлош изборен биланс на партијата.