Трамп барал Украина да прими депортирани лица од САД!?

Администрацијата на Доналд Трамп претходно оваа година ја повика украинската влада да прифати неодреден број странски државјани депортирани од Соединетите Држави, покажуваат документите до кои дојде „Вашингтон пост“.

Тоа беше невообичаено барање упатено до нација во војна и зависна од американска воена и финансиска помош, пишува изданието.

Документите не покажуваат како властите во Киев одговориле на предлогот од крајот на јануари од висок американски дипломат за испраќање државјани на трети земји во Украина во екот на руската инвазија, и покрај фактот дека ниту еден аеродром не функционира во земјата поради постојаните воздушни напади.

Украина на крајот не прифати никакви државјани на трети земји од САД и нема индикации дека Киев сериозно го разгледувал предлогот на САД.

Двајца украински функционери запознаени со ова прашање рекоа дека прашањето никогаш не стигнало до највисоките нивоа на владата.

Овие документи, и други што ги разгледа „Вашингтон пост“, даваат нов увид во обидот на претседателот Доналд Трамп драматично да ги прошири депортациите додека се обидува да ја промени имиграциската политика на САД преку неконвенционални методи.

Документите, датирани од јануари до мај, покажуваат дека администрацијата на Трамп се обидела да го зголеми бројот на земји што ќе прифаќаат државјани на трети земји од САД, редовно нудејќи стимулации или користејќи ја можноста за подобрување на односите со Вашингтон за да ги постигне своите цели.

Неколку влади во Латинска Америка, вклучувајќи ги Ел Салвадор, Мексико, Костарика и Панама, се согласија да прифатат депортирани нивни државјани.

Вашингтон му се обрати на Киев во раните денови на новата администрација, бидејќи претседателот Трамп продолжи да ја промовира амбициозната цел за склучување мировен договор, изразувајќи длабоки сомнежи за дарежливата помош што Џо Бајден ѝ ја пружи на Украина.

Новата американска администрација, исто така, разгледа укинување на некои одредби од ерата на Бајден што им дозволуваа на украинските граѓани да останат во САД.

Документите што ги прегледал „Вашингтон пост“ покажуваат дека украински дипломат им кажал на американските колеги дека Украина го прифаќа враќањето на своите граѓани депортирани од САД, но дека владата во Киев се соочува со воени околности.