Тaравари: За „Бугари во устав“ да има гаранции дека ќе нема нови условувања

ЈЛидерот на АА Арбен Таравари вели дека е меѓу ретките оптимисти дека многу скоро ќе ги почнеме преговорите со ЕУ.

Неопходно е прифатливо решение, а земјава мора да добие гаранција дека нема да биде повторно условувана, рече синоќа во емисијата „360 степени“ на МРТ1 министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари..

Според него, не е лоша идејата на премиерот Мицкоски, уставните измени да се изгласаат, но да стапат во сила кога Бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на Македонија во ЕУ.

„Не е добро што се одделивме со Албанија, но добро е што тие го почнаа процесот. Не мора Албанија да остане со нас, иако јас мислам дека пречката за Албанија беше вештачка. Премиерот Рама беше многу коректен, дека Македонија заслужува да ги почне преговорите. Мислам дека не е купување време, се бара моментум, се бара и некаква гаранција за државата и да ги почнеме преговорите. Се надевам дека со Албанија паралелно ќе течат преговорите, многу сум оптимист во ова и сè уште мислам дека сите држави на Западен Балкан истовремено ќе се зачленат во ЕУ“,  вели Таравари.

Тој верува дека ќе се изнајде решение кое ќе биде прифатливо за земјава, но неспорно е, како што рече, дека ќе мора да ги направиме уставните измени за да ги почнеме преговорите.

„Сепак, истовремено, ќе ни треба гаранција дека нема повторно да се бара нешто од нас, дека повторно ќе бидеме условувани. Свесни сме дека рамката со Бугарија не се менува и дека на Македонија ќе ѝ требаат уставни измени, но ни треба и некаква гаранција, барем од центрите со влијание во светот, дека нема повторно да се бара нешто од нас. Ако продолжиме вака, различни држави може да поставуваат различни условувања“, вели Таравари според кој сè се комплицира зашто во Бугарија нема стабилна влада.