Тошковски: Како членка на НАТО ги надминуваме безбедносните предизвици во соработка со нашите партнери

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на традиционалниот „Охридски безбедносен форум“ во организација на дипломираните студенти на Маршаловиот центар за безбедносни студии, а во соработка со Европскиот центар за безбедносни студии и амбасадите на САД и Германија. Тој истакна во обраќањето дека заедничките евроатлански вредности се основен двигател на земјите од Западниот Балкан во надминувањето на своите разлики и продолжувањето на патот кон евроатланска интеграција.

„Како членка на НАТО, безбедноста и стабилноста значително се унапредија за нашата земја и за целиот регион. Многу потесно соработуваме со сите наши соседи, кои се членки на Алијансата и заеднички придонесуваме кон нејзиното функционирање и развој.“ – нагласи министерот Тошковски.

Тој ги дефинира главните безбедносни закани, трендови и предизвици, со кои се соочува Македонија: организираниот криминал и корупција, илегалната миграција, трговијата со луѓе, шверцот на мигранти…

„Илегалната миграција и различните форми на прекуграничен криминал се дел од нашите главни предизвици како министерство. Тука се и хибридните закани, кои се регионални и глобални и преку неконвенционални акции, психолошки напади и сајбер-напади, шпионажа, ширење дезинформации, чија цел е создавање претстава на несигурност и недоверба кај граѓаните во демократските институции. Имавме и хибридни напади во 2022 и 2023 година на територија на целата држава.“ – подвлече Тошковски.