Тошковски до полицајците – укажувања и опомени место казни за возачки без „Северна“!

Иако од денеска стапува на сила обврската за возачки дозволи со „Северна“ и за регистарски таблички со ознаката НМК, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски апелира до полицајците да укажуваат и опоменуваат наместо да казнуваат.

„Сакам да упатам една порака до сите полициски службеници и сите граѓани, дека македонските граѓани не треба да плаќаат казни поради тоа што некои недобронамерници во минатото не биле кадарни да истераат некои процеси како што требало да ги истераат, а не вака како што ги истераа. И сакам да упатам апел до секој еден македонски полицаец да ги има предвид законските одредби коишто се однесуваат на укажувања, опомени итн. Сметам дека ниту еден македонски полицаец не треба да изрече парична казна за овој тип на прекршоци“, порача Тошковски.

Од почетокот на замената на дозволите на 5 јули 2021 година досега се издадени над 800 илјади со кратенката утврдена во Преспанскиот договор.

За разлика од дозволите и табличките, личните карти со „Република Македонија“ ќе важат до истекот на нивниот рок.

„Сите лични карти коишто се со важечки втиснат датум на нив се важечки и ќе продолжат да бидат важечки. Ниту една законска измена не се однесувала на личните карти, така што граѓаните од тој аспект можат да бидат мирни“, објасни министерот.