Филмот „Џоломари“ режиран од Владимир Боцев, куратор во Националниот музеј на Македонија, ќе биде дел од 18 уникатни кинематографски дела што ќе се прикажат на 6. Меѓународен фестивал на етнографскиот филм од 14 до 18 ноември во Софија.
Филмското остварување во траење од 17 минути го доловува ритуалот со маски на селаните на Бегниште од регионот на Тиквеш за време на празникот Василица (13-14 јануари), на кој можат да учествуваат само мажи.
По прикажувањето на филмот на 15 ноември е закажана и дебата со режисерот Боцев, доктор по етнологија потпишан и како истражувач и камерман во филмот, а од 2012 година и организатор на фестивалот на етнографскиот филм во Кратово.