Тешка битка на Борисов и Захариева со бугарските ултранационалисти за Македонија

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева е под силни критики од бугарските националисти  кои што не можат да го прифатат новиот вокабулар на владата во Софија кон Македонија.

Откако пред три дена Захариева изјави дека Бугарија не го негира македонскиот идентитет таа е под постојан притисок на дел од медиумите кои што не прифаќаат македонска нација посебна од бугарската. (читај тука)

Бугарската вицепремиерка денеска повторно пред  медиумите мораше да го дообјасни својот став на што таа изјави дека Бугарија со признавањето на македонската држава, го признава и македонскиот јазик согласно Уставот на Република Македонија.

„Не гледам каков е спорот за јазикот. Така како што е потпишана декларацијата, така е и предлогот. Македонски јазик согласно Уставот на Македонија“, рече Захариева во интервју за БТВ.

На прашањето на Бугарската национална телевизија  дали тоа значи дека со тоа се признава македонскиот јазик, Захариева одговорила:

„Македонскиот јазик е согласно нивниот Устав, а ние ја имаме признаено македонската држава што значи дека го признаваме и нејзиниот Устав“, изјави Захариева во интервјуто , додавајќи дека никој не ја негира историјата на Македонија, ниту на Бугарија.

Според Захариева посетата на премиерот Зоран Заев и на македонските министри претставува затоплување на односите со Бугарија и потсети дека последната посета на македонски премиер во Софија била во 2013 година и траела 50 минути.

Наспроти Захариева и нејзиниот шеф Бојко Борисов кои што засега испраќаат позитивни сигнали кон Македонија дел од бугарската јавност и медиуми се противат на било каков чекор во правец на целосно признавање на засебен македонски идентитет особено пред 1944 година.

Вчера историчарот Пламен Павлов кој е дел од ултранационалистичката група на вицепремиерот Красимир Каракачанов и дежурниот негатор на Македонците Божидар Димитров порача дека Македонија и Бугарија се „два дела од едно цело“. (читај тука)