Теодоракис удри по „Скопјаните“ и побара референдум за името во Грција

Грчкиот композитор Микис Теодоракис го истури својот гнев кон „Скопјаните“ од говорницата на денешниот протест во Атина против зборот „Македонија“ во името на северниот сосед, барајќи референдум во Грција за тоа.

„Македонија беше, е и засекогаш ќе биде грчка. Ако Владата размислува да стави потпис во името на нашата земја, нема сомнение дека таа мора прво да го праша грчкиот народ“, порача главниот говорник на протестот, обвинувајќи го „нелегитимниот“ сосед за територијални претензии кон неговата земја.

„Генерации ‘Скопјани’ пораснаа со таа идеја. Тие настојуваат да влезат во НАТО и во ЕУ со нашиот глас, за утре да можат да ни се закануваат од позиција на сила. Користејќи го името Македонија како возило и смешно извртувајќи ги историските настани, тие всушност бараат да ги прошират своите граници на сметка на нашите“, рече 92-годишниот левичар и икона на отпорот против воената хунта во Грција од 1967 до 1974 година, која го стави во затвор.

„Ако го дадеме (името – н.з.), ги оставаме вратите отворени за трагична историска лага што ќе влезе и ќе остане засекогаш“, заклучи Теодоракис.