ТВ 21: Вреди и Исени покажуваат сила, или спроведуваат закон со казнувањето на полицаецот, што го фрли знамето на Албанија?

„Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени истакна дека ќе има дисциплинска постапка против службеникот на МВР, кој го фрли знамето на Албанците.“ – објави ТВ 21 во својата информација со наслов „Вреди покажува сила, или спроведува закон? – Ќе биде казнет полицаецот, што го фрли знамето на Албанија“.

Телевизијата  пишува: Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени вели дека секој службеник на МВР има обврска да ги почитува законите и симболите на сите заедници во * Македонија.

„Непочитувањето на тие обврски ќе биде казнувано без исклучок. Законите ќе се применуваат еднакво за сите, а институциите ќе бидат гарант за почитување на меѓусебната толеранција и правата на сите заедници. Според Кривичниот законик, ќе сноси кривична одговорност секој, што со намера ќе поттикне раздор, нетрпеливост, или омраза преку сквернавење, или уништување национални или верски симболи. Нема да дозволам да остане неказнето ваквото однесување, особено кога е од вработен во Министерството за внатрешни работи. Како заменик-министер за внатрешни работи недвосмислено го осудувам секое сквернавење, или неуважување на државните и националните симболи на * Македонија, без разлика дали станува збор за знамињата на Македонците, Албанците, или на која било друга заедница. Вчера сите заедно го осудивме чинот на сквернавење на државното знаме на * Македонија, потврдувајќи ја нашата посветеност на соживотот и меѓусебното почитување. Денес исто така го осудувам и потврдувам дека ќе има одговорност за службеник на Министерството за внатрешни работи, кој постапил на навредлив и неприфатлив начин кон знамето, кое е национален симбол на Албанците, знаме кое е законски регулирано за употреба согласно со важечките правни норми во нашата држава.“ – истакнува Астрит Исени