Таравари: Резервиран сум АА да биде во Влада со ВМРО ДПМНЕ по изборите, ако не прифати промена на уставот

„Лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари има резерва дали би направил постизборна коалиција за владеење со ВМРО-ДПМНЕ. Иако ВМРО ДПМНЕ се појавуваат како победници во секоја анкета, Таравари има и натаму резерва.“ – објави ТВ 21 во својата информација со наслов „Таравари за ВМРО ДПМНЕ: Не сум заинтересиран за владеење, ако не ги прифатат уставните промени“.

ТВ 21 пишува. „Со Мицковски сум се сретнал пред да влеземе во Владата, во ноември, или во декември. Оттогаш не сум имал комуникација со него. Лично и натаму имам резерва. Верувам и посакувам да ја разберат реалноста дека…“ – вели Арбен Таравари, лидер на АА.

Запрашан за што „има резерва“, тој одговара: „Во врска со натамошното владеење.“

„Ако продолжи со отпорот кон спроведувањето на уставните промени и по изборите, тогаш јас лично нема да бидам заинтересиран да бидам дел од една влада, која нема да биде подготвена за тоа. Зборувам за Алијансата за Албанците, која ќе има онолку пратеници, колку што ќе освои на изборите.“ – дополнува Арбен Таравари.

Но, што вели ВМРО-ДПМНЕ? Дали се подготвени да ги прифатат уставните измени, за да коалицираат со албанските партии? Од таму велат дека нивниот став не е променет и не прифаќаат уставни измени под бугарски диктат.

„Став на ВМРО-ДПМНЕ е напуштање на ваквите условувачки политики, што постојат во Македонија, а на кои се навикнати сите други политички партии. Можна е коалиција со сите оние, кои имаат за цел да ја направат Македонија достоинствена држава, управувана со чест и позициите да бидат вистински сервис на граѓаните. За се друго, особено за вакви услови за уставни измени по бугарски диктат, ставовите на ВМРО-ДПМНЕ остануваат непроменети“ – изјави Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, првиот човек на оваа партија Христијан Мицкоски неодамна во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 изјави дека за формирање на владиниот кабинет повеќе би ги претпочитал албанските опозициски партии, притоа споменувајќи ги четворицата лидери на опозицискиот Европски сојуз за промени Изет Меџити, Билал Касами, Африм Гаши и Арбен Таравари.