Таравари: Нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“ за паркинг во Клиничкиот центар

Министерот за здравство денеска соопшти дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која беше единствената пријавена на огласот за изградба на катните гаражи и стопанисување на паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

На прес-конференција министерот Арбен Таравари информираше дека во моментов се разгледуваат две опции за идно стопанисување со паркингот на Клинички.

„Првата е ЈП Градски паркинг да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар“, рече Таравари.

„ Тендерот најверојатно ќе го поништам, има разно разни шпекулации, отворени сме за сите политички партии и за јавноста, коишто имаат идеја како да го решиме проблемот на паркинзи и катни гаражи, не мора да бидат катни гаражи, нека ми дадат идеја како поинаку да ја решиме гужвата што се прави на Клинички центар. На луѓето им треба приближно еден час да се паркираат“, рече Таравари.

Министерот вчера рече дека не знае зошто се крева паника кога договорот со албанската компанија „Ѓока констракшн“, за која имаше  најави дека ќе стопанисува со паркингот, сè уште не е потпишан.

Премиерот Христијан Мицкоски во петокот изјави дека во врска со стопанисувањето на паркингот на Клинички центар се уште нема одлука на Влада, а договор не е потпишан, и како што кажа, „ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме“.

За решавање на хаос-паркингот на Клинички се јавила само една фирма