Танос Веремис е професор по политичка историја на Универзитетот во Атина, оддел за европски и меѓународни студии и основач на Грчката фондација за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП).
Важи за еден од најупатените грчки научници во спорот за името меѓу Македонија и Грција а се школувал и предавал и на престижни американски и британски универзитети.
Според него промената на власта во Скопје отвора нови можности за дискусија меѓу двете земји и атмосферата е многу подобра сега отколку во времето на Никола Груевски затоа што тој наметнувал непотребни прашања меѓу двете земји поради што односите се влошиле.
Веремис вели дека премиерот Заев има тенка поддршка во парламентот и зависи од албанската заедница а Груевски сеуште има поддршка од поголемиот дел од Македонците што му дава за право да мисли дека во иднина повторно ќе се врати на власт во зависност од тоа како ќе владее Заев.
Ако СДСМ владее успешно и има подобрувања во повеќе области владата на Заев може да успее, засега има само подобрување во атмосферата што не е доволно според грчкиот експерт. Во врска со Грција Веремис смета дека има добри намери меѓу двете страни но проблемот со името останува како многу сложено прашање што со оглед на историјата на Грција и историјата на грчката граѓанска војна мора да се земе во предвид.
Веремис не може да помисли дека некоја грчка политичка партија ќе потпише договор со ФИРОМ доколку нема сложено име односно дека не е можно договорот да биде само со Република Македонија затоа што тоа навестува историски и територијални брања и многу тешко ќе биде објаснето на грчките Македонци дека постојат и други Македонци.
„Постои ФИРОМ, постои и Грчка Македонија, постои и Бугарска Македонија која што е дел од Бугарија како и мал сегмент во Албанија. И кога некој ќе говори за Македонија треба да се објасни која Македонија и затоа никој не може да бара апсолутна употреба на терминот Македонија без префикс“, вели Веремис.
Во врска со конфликтот меѓу Албанците и Македонците според грчкиот професор кој говори како академик а не како политичар во македонскиот устав има грешка во смисла дека тој е базиран на национален идентитет а не на политички идентитет. Со други зборови според него наместо да се говори за граѓани на држава уставот се обраќа на национални елементи, национални мнозинства и малцинства. Тој смета дека ќе биде многу полесно за Македонија во иднина да го реформира уставот во кој граѓаните ќе бидат со еднаков статус пред законот.
За да се подобрат односите и да се врати довербата меѓу двете земји во Македонија мора да се одстранат сите училишни книги во кои се промовира иредентизам кон Грција, смета Веремис затоа што според него не е природно децата да учат дека живеат во земја која што е лоцирана до море затоа што со тоа се имплицира дека има територијални претензии кон Грција која навистина излегува на море.
Грчкиот професор е уверен дека САД направиле грешка кога ја признале Македонија под уставното име затоа што не ја знаеле историјата. САД сметале дека признавањето ќе има влијание на внатрешните конфликти во земјата што се покажало како погрешно, вели Веремис во интервјуто за грчката новинарка Флорентина Киортси.