Таипи: Фамозните 2 км. од автопатот Скопје-Блаце ќе бидат пуштени во ноември

Заменик директорот на ЈП „Државни патишта“, Назим Таипи рече дека, иако патот Скопје-Блаце се ветуваше со децении, за жал, тој се уште не е завршен.

За 2-те километри за кои се говореше дека ќе бидат свечено отворени во октомври, а кои Таипи ги нарече „фамозни“ километри, тој го одложи рокот за следниот месец.

„За релација Скопје-Блаце се зборува долго време. За овој пат се даваа многу понуди и ветувања со децении и жал ми е што во последните 10 години во секој изборен циклус се ветуваше да се изгради овој пат, но сега после 10 години успеавме да изградиме само 2 километри од патот. Во моментов на тој фамозен потег од 2 километри се завршени 97-98 отсто од работите и се очекува многу брзо да биде пуштен во употреба“, изјави Назим Таипи во „Дејли клик“ на ТВ21.

Таипи рече дека изградбата на овој дел од патот ќе заврши следниот месец.

„Имаме некои мали пречки од технички аспект, во фаза сме на сигнализација, но сметаме дека овој пат ќе биде завршен во текот на следниот месец“, рече Таипи.

Што се однесува до целосната изградба, Таипи рече дека нема враќање назад, патот Скопје-Блаце ќе биде завршен.

„Како секаде и ние имаме проблеми со експропријациите, има и сомнежи за манипулации со експропријации, но тоа се сомнежи кои мора да се обработат и да се види нивната вистина.

Проектот што го имавме треба да се преиспита, ние сме во фаза на преиспитување на проектот, но сакам да констатирам дека овој пат ќе се гради. Нема враќање назад од изградбата на овој пат.

Тоа е и наша волја како дел од Владата и она што е важно, издвоените средства се наменети за овој пат и не можат да се одвојат за ниту еден друг проект“, рече Назим Таипи.