Незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, нелегална изградба на партиската зграда, кинеските тендери за изградба на автопати, како и бесправно градење на викенд куќи се дел од новите три истраги на СЈО. Во две од нив осомничен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Тревник“, „Траекторија“ и „Талир“ се трите нови истраги на СЈО, кои денеска на прес-конференција ги најави обвинителката Катица Јанева. Во две од истрагите, „Траекторија“ и „Талир“ првоосомничен е лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. СЈО како резултат на истрагата ќе бара замрзнување на дел од имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и на новата партиска зграда. Истрагата за Талир, како што посочи обвинителката Фатиме Фетаи, се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до крајот на 2015 година.
„Мотивите на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и во обезбедување на целосна контрола над политичката партија“, рече Фетаи.
Според доказите, Груевски ги прифатил незаконските средства за финансирање на партијата и потоа формирал група за перење на пари, односно ги злоупотребиле податоците на дел од партиското членство и во нивно име се уплатувале готовина на партиската жиро сметка, при што на уплатниците биле внесувани погрешни податоци. На ваков начин партиската сметка биле уплатени 4,9 милиони евра.
Најголем дел од средствата, истакна Фетаи се користеле за подмирување на редовни обврски, но дел од парите биле искористени за склучување на 71 договор за недвижен имот. Дел од истрагата е и изградба на главното седиште на партијата во Скопје од страна на градежната фирма Бетон. Според Фетаи, несразмерноста во инвестицијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ и на Бетон се смета како донација од компанијата, што партијата не смеела да ја прими со оглед на тоа што градежната фирма извршува јавни работи.
Во истрагата за случајот вкупно се осомничени 14 лица, а меѓу нив, како што рече обвинителката Ленче Ристоска, освен Груевски се и генерални секретари на партијата и директорот на Центарот за комуникации. Даванаесет барања за замрзнување на имот ќе побара СЈО, од кое секое барање во просек се однесува на три објекти, истакна Ристоска.
„Некаде имаме и имоти кои не се објекти, туку пасишта и ниви кои очигледно не се користат за потребите на партијата. За кои цели се користат и кој има крајна корист од таквиот имот ќе биде предмет на утврдување во рамки на истражната постапка“, рече Ристоска.
Истрагата за „Траекторија“ е против поранешни четворица високи владини функционери кои се осомничени дека во постапката за избор на компанија за автопатиштата Кичево-Охрид и за Миладиновци-Штип ги злоупотребиле своите овластувања и го оштетиле буџетот на Македонија за најмалку 155 милиони евра. Иако две компании доставиле понуда на тендерот, осомничените преговорите ги воделе само со едната компанија од Кина и ја избрале нејзината повисока понуда. На прашањето околу процентот кој, како што можеше да се слушне во аудио снимките кои ги презентираше опозицијата, го земале осомничените, Ристоска одговори дека тоа е предмет на предистражна постапка.