Судството пред колапс – Никој не сака да биде судија ниту претседател на суд

„Судството се соочува со колапс. Нема вработени, нема судии, нема претседатели. Нема судии од каде да се пријават, на крај делегираме судии од едно на друго место – но тоа не е решение. Тоа е колку да фигурира, тој не може да биде посветен“, рече претседателката на Судски совет, Весна Дамева.   На денешната седница било констатирано дека на конкурсот објавен во јануари годинава за претседатели на основните судови во Берово, Делчево и Крушево никој не се  пријавил на огласот. Не само со недостаток на судии, судовите неможат да одберат и претседатели на судови оти нема кандидатури

„Претпоставувам дека причината е пребукираноста на судиите со судења и тие не можат да прифатат ваква функција. Не знам како ќе ги надминеме овие состојби. На некој од работните состаноци да видиме што ќе правиме иако ние како Судски совет сме пишувале и писма и дописи, сме интервенирале кај надлежните институции. Судството во државата се соочува со колапс, верувајте. Ние формално повторно ќе спроведеме постапка, но се плашам дека пак нема никој да се пријави. Се сведуваме на тоа да делегираме судии од ваму, таму, ама тоа не е решение. Тоа е само колку да фигурира. Се надевам дека со новите акадамеци што ќе излезат некаде во октомври, ноември може малку да избалансираме, ама и тоа ќе биде мал број“, рече Дамева.

За претседател на виш Управен суд се пријавила судијката Анита Даниловска но го известила Судскиот совет дека ја повлекува кандидатурата затоа што ќе оди во пензија.