Судскиот совет ќе ја преиспитува пресудата на судијата Елведин Ферати за две години затвор за усмртувањето на Теодора Ристевска (22) од Тетово

По бранот на жестоки реакции во јавноста и на семејството наТеодора Ристевска (22) од Тетово, смртно прегазена на пешачки премин во Тетово во септември 2022 година, Судскиот совет ќе изврши увид во работата на судијата Елведин Ферати, кој му  ја изрече двегодишната затворска казна на Менсур Пајазити, поради ова тешко кривично дело. Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски изјави дека ќе се направи увид дали е постапувано според закон во однос на казната, чија висина Ферати во читањето на пресудата ја оцени како „пример и поука за сите во сообраќајот“.

Камбовски засега не ја коментира пресудата пред да ги види деталите, како што вели. „Секогаш кога има реакции од јавноста, а имаше во овие два дена, секако дека Судскиот совет ќе изврши увид и ќе направи проверки дали е се како што треба, односно дали е се сработено согласно со законот. Тоа одекна и во јавноста одекна. Се работи за предмет, кој ги поминал трите инстанци и во таа фаза на постапката била извршена промена на обвинението, односно на квалификацијата од страна на јавното обвинителство. Но, за да можам поточно и конкретно да дадам коментар сепак мора да извршиме увид во списите. Не би сакал да шпекулирам и да давам изјави, кои нема да соодветствуваат со еалната состојба во предметот.“ – посочи Александар Камбовски.

Работењето на судијата Ферати и неговата пресуда да одат „под лупа“ на Судскиот совет побара и премиерот Христијан Мицкоски, кој го оцени правосудството како најслаба алка во борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски укажа дека лично ќе го следи случајот и најави одговорност за оние, кои се воделе од лични интереси, наместо од интересите на граѓаните. „Има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда? Не само што сметам дека не е задоволена правдата, туку и сум разочаран како човек и родител на две деца. Ова не е правда. Јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова нема да биде уште еден случај, кој што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај. Ова е моментот кога мора да покажеме дека законите важат за сите, затоа што можна следна жртва е секој од нас.“ – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски.

Исто така, смета и министерот за правда Игор Филков дека се јасни реакциите во јавноста, нагласувајќи дека сега е на ред Судскиот совет. „Тие 2% доверба, кои што се доделени на судството, уште еднаш се покажа дека не се за џабе!“ – изјави Филков.

Менсур Пајазити, кој ја прегази Теодора, првично доби 3,6 години затвор, па откако се пожалил на Апелација, казната била намалена на две години. Потоа Пајазити се жалел и до Врховниот суд, кој предметот го врати на повторно судење, каде на Ферати, по признавањето на вината му беше изрече казна затвор од две години. Државната Комисија за спречување на корупцијата отвори постапка против судијата Елведин Ферати, поради, како е беше образложено, „сам си поправал оценки во индексот, за да исполни услов за упис во академијата на судии“. Истрага отвори и обвинителството, која ја прекинале пред еден месец, бидејќи, според информациите, се појавиле документи од Тетовскиот универзитет дека во 2014 година Ферати преполагал четири испити, за да си го зголеми просекот.