Студија: Македонија ќе ги исполни условите за ЕУ до 2023 година

Македонија ќе ги исполни критериумите за членство во Европска унија до 2023 година, најрано од сите шест кандидати од Западен Балкан, е заклучокот на заедничката студија на Тина Фрејбург, професор по компаративна политика на Школата за економија и политички науки при Универзитетот во Сент Гален, Швајцарија, и на Тобијас Бомелт, професор на Универзитетот во Есекс, Англија.
Користејќи го како репер проширувањето во 2004 година, Србија и Турција веројатно ќе ги достигнат стандардите за да ѝ се придружат на ЕУ до средината на 2030-тите, а Албанија и Босна и Херцеговина тешко дека ќе го сторат тоа пред 2050 година, оценуваат авторите на студијата. Иако се смета за една од западнобалканските држави со најголеми шанси за членство, Црна Гора не е земена предвид поради недостиг на податоци.
Фрејбург и Бомелт, сепак, нагласуваат дека кај некои земји процесот може да се забрза, „како што е случајот со неодамнешниот трансфер на моќта кон попроевропска Влада во Македонија“, или да биде замрзнат повеќе години, „како со влошувањето на состојбата со демократските институции во Турција“. Други два фактора што можат да влијаат, според нив, се случајни настани (виша сила) и недостигот од волја кај земјата-кандидат за исполнување на условите.