На виделина полека се обелоденува новата цена на струјата за домаќинствата и компаниите. Конечната цена на електричната енергија сè уште не е готова, но според согледувањата на Регулаторната комисија за енергетика таа ќе има само мало поместување.
– Не очекувам просечната цена на домаќинствата да биде поголема од 1 процент – изјави на денешната прес-конференција Марко Бислимоски, претседателoт на Регулаторната комисија за енергетика.
Тој информира дека е намалена цената за пренос на електрична енергија, а од друга страна ЕСМ ја продава поскапо струјата на ЕВН хоум. Тој рече дека во следните денови ЕВН хоум како универзален снабдувач до Регулаторната комисија за енергетика ќе ги достави на контрола цените за домаќинствата и за малите потрошувачи.
Инаку, сметките на граѓаните најмногу зависат од набавната цена на струјата. Државната ЕСМ на универзалниот снабдувач му понуди да ги задоволи вкупните потреби по цена од 62 евра за мегаватчас, 3,3% поскапо од досегашната. Околу 1/3 од цената на струјата на граѓаните зависи од трошоците за Електродистрибуција, па евентуалното поевтинување таму може делумно да го компензира поскапувањето од ЕСМ. Па така, веќе за некоја недела треба да се знаат утврдените цени кои ќе стигнат до потрошувачите.