Ако постојат проблеми да се решат на маса, а не на социјалните мрежи, вели претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Орце Ѓорѓиевски, откако градоначалниците на Струмица и Карпош најавија дека ќе се откажат од членството во ЗЕЛС. Тој ги повика Јакимовски и Костадинов добро да размислат пред да го направат овој, како што рече многу погрешен чекор. Вели, ако има проблем, заеднички ќе се бара решение, оти одлуката да го напуштат ЗЕЛС ќе биде на штета на граѓаните.
- „Вратата од ЗЕЛС е отворена за сите, секој проблем според мене се решава, нема нерешлив проблем, освен ако е од Бога тоа, се останато можеме да седнеме и да го решиме на маса заеднички, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во позадина на овој процес“, вели Ѓорѓиевски.
Ѓеоргиевски тврди дека утринава неколку пати се обидел да го контактира Костадинов но без успешно, додека со Јакимовски се договориле да се сретнат и разговараат.
Општина Струмица се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа. Напуштањето го најави градоначалникот Коста Костадинов преку социјалните мрежи и вели дека е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица за проблемот со водата, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит. Дека се одбиени, дознале од медиумите, без да добијат ниту еден писмен допис од Владата.
- „Досега од појавувањето на проблемот со водата од 27.09.2024 година, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е браната Турија од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветерина со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани“, рече Костадинов.
Слична постапка најави и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Тој најави дека Општината може да ја напушти ЗЕЛС ако продолжи теророт на власта, односно поради големите притисоци.
- „Ова е недозволиво што го прават овие министри. Можеби компарацијата не е како што треба, ама буквално како кучиња одврзани од ланец, само лаат од сите страни. Фатете се за работа бе како што треба. Се знае дека вие сте посилни од нас, вие сте Влада, ние сме локална самоуправа, или ќе го корегираат својот однос или нема зошто да бидеме дел од тие институции“, изјави Јакимовски.
Секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС му штети и на ЗЕЛС и на сите општини, се огласи и министерот за локална самоуправа Златко Перински.
- Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме, вели Перински.
Перински смета и дека со пренасочување на вниманието и политизирање на случајот, губат сите, а најмногу граѓаните. За тоа дали Арсовска ќе одговори позитивно на повикот на Јакимовски да излезе од ЗЕЛС, актуелниот претседател Ѓорѓиевски вели дека таа досега не се појавила на ниту една седница.