Станковиќ: Новите членови во историската комисија да не заборават дека Македонците не се Бугари, ниту Срби и нема да се откажат од историјата!

„Современите бугарски историчари во своето гледање на македонското минато тврдат дека македонскиот народ во минатото не суштествувал и оти е создаден во современоста како резултат на политички инженеринг. Оттука, сите македонски настани и личности од минатото се прикажуваат во бугарски дух.“ – нагласува Далибор Станковиќ во својата колумна со наслов „No pasaran!“ („Нема да помине!“), која ја објави весникот „Нова Македонија“

Порака кон притисокот Македонецот да се откаже од својата историја и култура

Натаму, покрај другото Станковиќ пишува: Великото македонско Илинденско востание спротивно на историјата се преименува како ‘во Илинденско-преображенско востание’, во смисла дека имало две востанија, во Македонија и Одринско. Меѓутоа апсурдностите не завршуваат тука. Минатата година по повод 120 години од Илинденското востание, бугарскиот историчар Светлозар Елдаров го преименува македонското востание од 1903 година како Илинденско-преображенско-крстовденско востание. Каков апсурд!

Историската вистина не може да се фалсификува. Во својата брошура со наслов „Македонското прашање“во „Дојче алгемајне цајтунг“ на 11 јануари 1930 година д-р Макс Фишер напишал: „Македонците не се ниту Бугари ниту Срби, тие претставуваат едно посебно племе… Тие имаат свој јазик, кој што е многу близок до црковнословенскиот јазик и се разликува како од бугарскиот, така и од српските јазици. Македонците имаат свои народни песни и обичаи… Додека Македонија се наоѓаше под влијание на Бугарската црква, нејзината малубројна интелигенција беше побугарена, а денес македонската младина, која учи само за да може да чита и да пишува, се воспитува во српските училишта и цркви во српски дух и таа ќе биде со успех посрбена, како што нивните татковци беа побугарени.“

Христо Татарчев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), во 1930 година го напишал следното: „Народ кој го истрпи петвековното ропство; којшто се ослободи од фенерскиот  духовен гнет (на грчката црковна фанарска пропаганда); којшто ја разруши Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој се бори со извонредна посветеност, не може по никаква цена да ја направи таа жртва. „Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на нејзините дедовци и прадедовци.“.

Оттука идните македонски членови во комисијата за историски и образовни прашања треба објективно и научно да ги толкуваат историските настани и личности онакви какви што биле. Притоа не треба да го заборават искажувањето на д-р Макс Фишер дека „Македонците не се ниту Бугари ниту Срби“, ниту зборовите на Татарчев дека Македонецот „не може да се откаже од својата историја и култура“. Тоа е историската вистина и затоа низ една решителна историска порака, која е факт и вистина дека Македонецот нема да се откаже од својата историја и култура, порачуваме: No pasaran! (Нема да помине!)