Карпош Соколи во вторникот изедначи против МЗТ Скопје и утре оди во Аеродром по брејк, но и ако дојде до него, тоа не значи дека ќе ја освои титулата, како што триумф во мечот број три не му гарантира ни на МЗТ дека ќе го одбрани тронот.
Двата тима покажаа дека знаат да влезат во ритам и тогаш разнесуваат, но нема константа, па по дефиниција брзо следи распад и разигрување на противникот. Тоа финалето го прави интересно, но никако квалитетно, за што можеби најдобар барометар е публиката, која побегнала од кошаркарските сали, а дали и кога ќе се врати, ќе видиме.
Во секој случај ова не е ни близу до некои не така далечни времиња кога билетот за кошарка беше злато, а присуството во сала задолжително за сите што нешто значат во државава и тоа не само во спортот. Штета.