Директорот на српскиот Центар за регионализам, Александар Попов, смета дека на Македонија ѝ претстои процес на консолидација на власта на владеачките партии.
„Помина периодот што личеше на почеток на граѓанска војна и сега претстои период кога ќе се продолжи со стабилизацијата на власта. Европска унија и Соединети Американски Држави значително го засилија своето присуство. Долгорочно, останува прашањето на албанскиот фактор, бидејќи СДСМ влезе во коалиција со албанските партии, но претходно е прифатена Тиранска платформа“, изјави Попов за српскиот весник „Блиц“.
За притисокот од Исток, пред сè од Кина и од Русија, Попов вели дека засега тоа прашање е завршено.
„Кулминацијата на кризата во Македонија е завршена и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, мирно му ја предаде власта на Зоран Заев, секако со огромен притисок од ЕУ и од САД“, додава тој.
„Блиц“ на Македонија ѝ посвети огромен простор, анализирајќи ги детално факторите што (ќе) влијаат врз нејзината судбина – „новиот американски шериф“ Хојт Ји, потоа Турција и стратегијата на Реџеп Таип Ердоган за инвестирање во „европски муслимански комуникациски коридор“ што поминува и низ Македонија, рускиот гас, повеќедеценискиот спор со Грција за името, амбициите на НАТО и на ЕУ, како и Кина и нејзиниот „пат на свилата“.