Сите српски медиуми, и приватни и државни, и тие што се блиски до владата и независните во текот на ноќта немаа информации за причините поради кои Србија ги повлекла своите дипломати од амбасадата во Скопје.
Во извештаите од Македонија се цитира телевизијата Телма и се наведува дека во текот на денов се очекува официјална информација од српското МНР.
Дел од српските медиуми најавуваат дека причините за повлекувањето на српските дипломати од Скопје ќе го објасни министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ на прес конференција но во текот на ноќта немаше официјална најава за тоа.
Според шпекулациите кои што се шират во новинарските кругови и на социјалните мрежи во игра се најмалку три причини за повлекувањето на целиот дипломатски персонал од Скопје што значи и практичен прекин на дипломатските односи меѓу двете земји.
Според едно од сценаријата Република Србија се подготвува да донесе одлука за менување на признавањето на Македонија под уставно име и во иднина својот јужен сосед да го нарекува со референцата ФИРОМ согласно одлуката на ОН.
Оваа одлука би била донесена во знак на протест затоа што Македонија досега ниту еднаш во телата на ОН не гласала согласно интересите на Србија во врска со Косово. Ваквиот развој на настаните во неколку наврати индиректно го најавија министерот Дачиќ но и претседателот Вучиќ кои јавно жалат што Македонија е призната под уставно име а постојано гласа во интерес на Косово.
Според шпекулациите оваа одлука на Белград може да предизвика гнев во Македонија кој би бил насочен на дипломатското претставништво во Скопје поради што целосно е повлечен персоналот во амбасадата а од властите се бара да преземат мерки за обезбедување на амбасадата.
Второто сценарио е дека српските служби за безбедност имаат добиено информации за можни терористички напади врз амбасадата од страна на исламски терористички групи поврзани со ИСИС.
Третата шпекулација е поврзана со медиумските извештаи на некои српски медиуми блиски на власта според кои Македонските власти сакаат да испровоцираат тензии во земјата со цел да ги подобрат своите можност за членство во НАТО. Весникот Вечерни Новости на први август објави сторија според која македонските власти знаеле за планот група вооружени Албанци облечени во српски униформи да влезат во граничниот појас меѓу Србија и Македонија со цел да предизвикаат граничен инцидент по што би започнале со апсења на поранешни функционери на српските воени и цивилни служби за безбедност кои што живеат во Македонија.
Дел од шпекулациите говорат и за руско влијание на одлуката на Белград со која официјална Москва му порачува на НАТО дека нема толку лесно да дозволи алијансата да се прошири во земји за кои Русија смета дека треба да бидат неутрални.
Дилемите и шпекулациите во текот на денот треба да ги расчисти спрскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Повлекувањето на српските дипломати од Скопје е најсериозниот дипломатски инцидент меѓу двете држави од независноста на Македонија и распадот на Југославија.