Среќен роденден Силјановска-Давкова, претседателке на Република Македонија, а не на „северна Македонија“!

Денес е 11 мај, последен ден од претседателствувањето на Стево Пендаровски, кому функцијата официјално му завршува на 12 мај 2024 година. Но денешниов 11-ти мај е и роденден на новоизбраната претседателка на Република Македонија проф-д-р Гордана Силјановска-Давкова. Честитки по повод нејзиниот роденден и посакувања успешно да ја извршува одговорната функција – нов кормилар на „македонскиот брод“ во полза на македонскиот народ и на сите други граѓани на Република Македонија! Гордана Силјановска-Давкова го потврдува својот веќе искажан принципелен став оти ја разбрала „Т’гата за југот“ на својот македонски народ и дека како нов „кормилар“ на „македонскиот брод“ нема да го води низ „северните води“, туку во „македонските води“!

„Претседателе Макрон, Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. Се надевам дека вашата поддршка ќе го отвори патот на Македонија кон Европа…“ „Président Macron, La France, en tant que l’un des pays fondateurs de l’UE, a le rôle et la responsabilité les plus importants dans la réussite du projet européen. J’espère que votre soutien ouvrira la voie de la Macédoine vers l’Europe…“ – ова се воведните зборови на Силјановска-Давкова од нејзиниот одговор на македонски и на француски јазик кон претседателот на Франција Емануел Макрон и неговата честитка до Силјановска-Давкова по повод нејзиниот избор како нов претседател на Република Македонија.

Инаку, за одбележување е фактот што Макрон во својата честитка, покрај другото напиша  дека „Франција останува на страната на Северна Македонија…“, но новата македонска претседателка му возврати, токму нему, на составувачот на така наречениот „француски предлог“ со  изразот „патот на Македонија кон Европа“ – веќе јасно не користејќи „Северна Македонија“!

На нејзиниот фејсбук-профил по одговорот до Макрон уследија следните реакции:  –„Убаво му кажа, МАКЕДОНИЈА.“; – „Секоја чест за одговорот, Претседателке, секоја чест за Македонија ,за нас, за вистинскиот лидер, кој го добивме!“; – „Кажи му НИКОГАШ СЕВЕРНА само МАКЕДОНИЈА!“; – „Кажете му никогаш Устав отворање и оти е ова МАКЕДОНИЈА!“; – „Овој е кум на Бугарија, ништо добро од него нема за МАКЕДОНИЈА“; – „Почнаа со притисоци ова де ‘честитки’ уште свечено непреземена функцијата Претседателка … Да видиме што следува натаму: дали ќе притиснат уште повеќе, или ќе ретерираат на наша страна … На вас останува да видиме, Претседателке.

Претходно и високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и еврокомесарот Оливер Вархеи во свое заедничко соопштение ѝ го честитаа вчера изборот на Гордана Силјановска-Давкова и порачаа дека „со нетрпение очекуваат да работат со новиот претседател“, а  „ги охрабруваат Парламентот и Владата заедно да го унапредат патот на Северна Македонија кон ЕУ“.

Дали Гордана Силјановска-Давкова веќе и пред да стапи на највисоката државна позиција во Македонија го потврдува својот принципиелен став дека во домашната и меѓународната комуникација ќе биде „претседателка на Република Македонија“, а не на „Северна Македонија“?!