На денот кога српската влада практично и објави дипломатска војна на „пријателска“ Македонија, Србија не сака ни да се обиде да ги отфрли информациите дека со непримерната уцена за јужниот сосед, всушнот „игра“ за Русија.
Српскиот претседател Вучиќ кој денеска објави дека повлекувањето на српските дипломати од Скопје е причинето со непријателско однесување против Србија во Македонија по изјавата за амбсадата во Скопје имал интересна и ненајавена средба во Белград.
Вучиќ претпладнево во Белград рекол дека за празнењето на српската амабсада на Водно имало неколку причини, кои што биле докажани од службите за безбедност.
„Ние ќе продолжиме да развиваме пријателски односи меѓу Белград и Скопје. Наше е само нашите луѓе да бидат подготвени и да се заштити пријателството на Србите и Македонците, но и да знаеме како е да се дејствува во ново опкружување кое што не ни беше познато до пред неколку месеци “, изјавил Вучиќ.
Според непотврдени сознанија на разузнавачите, српската влада добила информации дека Македонија ќе биде предлагач на точка за дневен ред за влез на Косово во УНЕСКО.
На новинарско прашање, дали кризата во односите со Македонија има врска со членството на Косово во УНЕСКО, Вучиќ рекол дека „Србија ќе ги заштити своите интереси и ќе гради добри односи со Скопје.
„Но, како да ви кажам… тие односи ќе мора да бидат засновани на взаемно почитување. Дали Албанците ќе го стават Косово на дневен ред на Собранието на УНЕСКО… наша работа е да ги заштитиме интересите на Србија, притоа да не го нарушиме интересите на другите земји“, рече Вучиќ, додавајќи дека сепак во целата работа има мешање на некои други сили.
Запрашан дали мисли на официјална Москва, тој одговорил дека не помислил на Русија.
Тоа што тој денеска го стори сепак наведува на помисла дека земјите на кои што мисли Вучиќ, а тоа во прв ред се САД, Британија и Германија не се единствените кои што се дел од сценаријата и во најмала рака шпекулациите за дипломатската војна со Македонија.
Она што сеуште не го пренесе ниту еден македонски медиум е дека српскиот претседател денеска веднаш по изјавата во неговиот кабинет се сретнал со рускиот амабсадор во Белград Александар Чепурин и со тоа ги засили шпекулациите дека во последниот инцидент со Македонија прсти има вмешано и официјална Москва која што остро се противи на влезот на Македонија во НАТО.
Интересно е и официјалното соопштени од средбата во кое се вели дека Вучиќ се заблагодарува на Русија за политичката поддршка која што оваа земја и ја пружа на Србија.
Српскиот претседател на Чепурин му рекол дека Србија ќе ги чува и понатаму ќе ги гради добрите односи со Руската Федерација и ќе ја штити својата воена неутралност, независност и самостојност во носење на политичките одлуки, што преведено од дипломатски јазик значи дека Србија е цврсто решена да не влегува во НАТО како што е тоа случај со Македонија.
Во ситуација кога Србија отвори дипломатски фронт со Македонија а со месеци се зборува за интересот на Русија за односите во Македонија најлогично ќе беше српскиот претседател да ја одложи протоколарната средба со рускиот амбасадор во Белград со кого може да се сретне било кој друг ден. Освен ако Србија и на Македонија и на земјите од НАТО и ЕУ не сака да им упати друга порака.