Србија би можела да го повлече признавањето на Република Македонија под уставното име ако премиерот Зоран Заев остане на најавената поддршка за членството на Косово во УНЕСКО, пишува српскиот весник „Вечерње новости“.
„Според нашите информации, Белград внимателно ќе ги следи потезите на Македонија и изјаснувањето за приемот на Приштина во меѓународните организации и како што Скопје ќе се постави кон нашите национални интереси, така и ние кон нивните. Властите во Приштина ќе имаат можност да го потегнат прашањето за членството во УНЕСКО дури по две години. Меѓутоа, Белград би можел да го активира принципот на реципроцитет во дипломатските и во политичките односи со Скопје веќе во 2018 година, бидејќи косовските Албанци најавија дека тогаш повгторно ќе се обидат да ја отворат вратата на Интерпол“, открива весникот во написот „Србија го ‘брише’ името на Македонија“.
„Новости“ во продолжение потсетува на изјавата на Заев по средбата со својот косовски колега и домаќин Рамуш Харадинај во вторникот во Приштина дека „Косово може да смета на поддршката од Македонија во сите процеси“, иако пред неполн месец во Белград „се колнеше дека Србија во Македонија има искрен пријател“.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ тоа го прокоментира како „уште еден доказ на лицемерството на Заев и на властите во Скопје“. Министерот за одбрана Александар Вулин, пак, рече дека се остварило тоа што српскиот претседател Александар Вучиќ со месеци претходно го најавувал – дека Заев нема да си го одржи зборот.