Србија не сака во ЕУ во пакет со Македонија и другите од Западен Балкан

Откако претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, навести дека Србија и Црна Гора би можеле да станат членки на Европска унија пред 2025 година, северниот сосед сега не сака во пакет во ЕУ со Македонија и со другите земји од Западен Балкан.

„Постои опасност сега по малку да се посакува избегнување на нагласувањето дека Србија и Црна Гора се лидери во процесот на пристапување во ЕУ, туку дека целиот регион треба да се најде во пакет. Тоа за нас не би било прифатливо“, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Од шесте западнобалкански претенденти за членство во Унијата најдалеку во приближувањето е Црна Гора, која има отворено 28 поглавја, а три привремено затворено. Србија има отворено 12 поглавја, а две привремено затворено. Македонија има статус на кандидат од 2005 година, но ги нема почнато преговорите поради блокадата од Грција. Албанија веќе три години е кандидат, но и таа не почнала со преговори. Босна и Херцеговина има поднесено барање за членство, но уште чека да ѝ биде признат статусот на кандидат. Косово лани почна со примена на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ.