Претседателот на комисијата за соработка со НАТО во српскиот парламент Драган Шормаз вчера од Цетиње испрати уште една (не)дипломатска порака од соседна Србија.
Информирајќи за средбата на која што балканските земји разговараа за безбедносни предизвици Македонија ја нарече ФИРОМ.
Во пост на социјалната мрежа Твитер Шормаз напиша „Присутен е целиот регион- Албанија, Словенија, Хрватска, Босна, Црна Гора, ФИРОМ и се разбира Србија.
Членот на Српската Напредна странка на претседателот Вучиќ кој во оваа партија прејде во 2010 од Демократската партија на Србија не одговори на прашањето „Од кога српски народен пратеник користи ФИРОМ наместо Македонија“, иако предоходно одговараше на прашања поврзани со Косово.
Српските официјални власти односно претседателот Вучиќ и министерот за надворешни работи Дачиќ во неколку наврати јавно се покајаа за признавањето на Македонија под уставното име но никогаш не најавија дека Србија поради признавањето на Косово од страна на Скопје може да ја промени оваа одлука.