Вчера попладнето им биле изготвени решенијата на сите 18 лица со договор на дело на Клиниката за токсикологија, иако формирањето на влада не е завршено, дознава „Слободен печат

Меѓу примените е и болничар кој јавно на камера призна дека побарал „услуга“ од лаборантот која не му била завршена, а тоа е да замени резултат од урина во која имало наркотици со чиста урина.

Двајца од тројцата примени болничари според информации на „Слободен печат“ се со несоодветно образование. Примени се петмина административци. Една од примените медицински сестри е во роднинска врска со вработен во Клиниката.

На Клиниката за токсикологија овие продолжувања на договорите биле извршени со само еден потпис на економската директорка Бесија Иљази со оглед на тоа што заменик на медицинскиот директор Данил Петровски уште нема.

Професори од Клиниката за токсикологија одржаа прес конференција на која посочија дека болницата нема потреба од сите 18 вработувања, туку само од неколку со фокус на биологот неопходен да функционира токсиколошката лабораторија.

Вработувањето на 18-те договорци предизвика бурна атмосфера и поделба во групи на клиниката, поради тоа што дел од вработените тврдат дека овие кадри се вработуваат партиски и од нив нема потреба, потсетува „Слободен печат.