Меѓународната конференција со која во Атина се одбележува шестгодишнината од Преспанскиот договор се претворила во антибугарски собир, оценува бугарскиот новинар Љубомир Нешков.
„Во Атина се одржува форум кој се претвора во антибугарски собир“, изјави тој за Бугарското национално радио (БНР), повикувајќи се на потписникот на „Преспа“, тогашниот грчки министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, кој на конференцијата порача дека „Грција не треба да ја поддржи Бугарија за Шенген додека има бугарско вето за РСМ“.
„Ова е отворено деклариран тежок геополитички сојуз Белград-Скопје-Атина против Бугарија. Отворено застрашувачки. Мислам дека Бугарија има Министерство за надворешни работи… Зошто на форумов нема политичари од Бугарија, не се поканети“, додаде Нешков.
За него, изјавата на мандатарот за состав на новата македонска влада Христијан Мицоски дека „Францускиот предлог не е Библија“ и оти може да се предоговара значела дека „сме исправени пред една многу јасна програма – оддалечување на РСМ од Европската унија. Работат во правец на обединување и станување дел од т.н. српски свет“.
Според сопственикот на новинската агенција БГНЕС, зближувањето меѓу Бугарија и Македонија било неизбежно, арно ама: „Историјата не е проблем меѓу двете страни, како што сакаат да сугерираат. Ние не се занимаваме со историја, не сакаме да објаснуваме каков бил Гоце Делчев. Тоа е нивен проблем“.