НА МАКЕДОНИЈА НЕ И‘ ТРЕБА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ ЗА ДА ЈА ОБЛИКУВА СВОЈАТА ЕВРОПСКА ИДНИНА!
,,Албанија го отвора првиот преговарачки кластер со ЕУ, додека Северна Македонија останува блокирана.‘‘ – ете и овој септември го завршуваме со празни зборови спакувани во соопштени на некоја гласноговорничка на Европската комисија, која живее во ЕУ-светот и веројатно никогаш не ги посетила овие држави. Ние као ќе бидеме шокирани, шлогирани, разни ликови од средно аналитичко ќе шеткаат од една телевизија до друга мешајќи политиколошки жаргонизми, но едно е важно медитативно ќе мантраат како М О Р А М Е, а бре М О Р А М Е да го отвориме првиот кластер во тн. преговори за полноправно членство, и нашето знаме да се вее на Шумановиот плоштад.
Европските бирократи, секој барајќи ја својата кариера и унапредува као ќе бидат згрозени од шовинизмот на Софија, ќе не пофалат доволно да е задоволен премиерот и ќе не‘ убедуваат дека штом признаеме дека говориме бугарски јазик, не очекува тринаесеттата ѕвезда на европското знаме. Се‘ тоа дури не го добијат своето унапредување и радосно забораваат на овој див Балкан.
Како убеден европски федералист, еден од десетици милини ние веруваме дека Европејците можат да постигнат долгорочен мир, развиток и благосостојба само ако работат заедно и го согледаат континентот како единствена родина на која сите и‘ припаѓаме. Европската култура и цивилизација беше и движечката сила на Татковците на обединета Европа: Алсиде де Гаспери, Роберт Шуман, Жан Моне и Конрад Аденауер и безброј други општественици кои своите кариери ги посветија на обединета Европа.
Ниту еден од нив, не би ја препознале денешната Унија… која е се‘ само не Европска. Брисел стана затворено друштво, на само достојни. Жан-Клод Јункер, претседател на Европската комисија од 2014 до 2019 година, славно изјави дека ниту една земја нема да влезе во ЕУ за време на догледно мандат. За некои беше предмет за потсмев… но луксембуршкиот политичар ја говореше вистината. Ваквата надворешна политика беше најсилно видлива Македонија, ветувањето за членство во ЕУ стана сè подалечна фатаморгана, симбол на неспособноста на Брисел да ги исполни своите идеали. Брисел во очите на Македонците, и оние кои го следат исцрпувачкиот пат на ова мало парче земја кон заедничкото семејство… се откажа од проширувањето. Да! Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ во ваков формат… бидејќи Брисел стана пазар на петпарични поткусурвања, слепо следење на вашингтонската воена политика и ги ИЗДАДЕ своите основни вредност. Всушност, не ни‘ сакам да сум на иста маса со оние кои со очи ширум отворени молчат пред етничкото чистење на Ерменците во Азербејџан, повикуваат на уште и уште и уште пролевање крв за безумната војна во Украина.
Не ми верувате!? Погледнете како Претседателот на Франција, Емануел Макрон, им ветува на Французите дека во постојната европска структура нема збор за проширување, и повторува дека ниту сегашните земји-членки едвај можат да се договорат за основните принципи. Холандија, која е традиционално против дивиот Балкан, сега засилена со партијата на Герт Вилдерс… веројатно ќе ја открие и исламофобијата кон напите сограѓани, која вешто се крие зад бирократски речник.
По дома, повеќето политичари од албанскиот блок, а не изостануваат ниту од македонскиот, упорно ја објавуваат и го наметнуваат ставот дека сегашноста и иднината на Република Македонија (за нив Северна) се заснова на три документи. Тоа се Охридскиот договор, Спогодбата од Преспа и Договорот соработка со Бугарија. Како цреша на врвот на оваа скаламерија го додаваат и францускиот (читај бугарскиот) предлог за тивко подривање на АСНОМска Македонија. На осумдесет годишнината од македонската државност да ги потсетам оние кои заборавиле: СНОМ е потврдена самобитноста на македонскиот народ, на неговата историја, јазик и писмо. Секое негово разградување е разградување на позициите на Македонците во сопствената држава, изместување од каменот на кој тие ги поставија темелите за свои на своето. Првото заседание, всушност, го претставува државното конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија. АСНОМ не беше случајност, туку плод на националниот стремеж на македонскиот народ за сопствена држава, за која се сонуваше со генерации.
Сега се пожаливме, обвинивме, ислакавме… но кое е чарето!? Како европски федералист, цврсто стојам зад идејата Соединети Европски Соединетите Држави, каде што сите европски нации, без разлика на големината или историските поделби, се соединети под заедничка политичка и културна рамка. Сепак, сегашниот процес на пристапување во ЕУ стана пародија на Бриселската неспособност и предавство на темелните европски вредности. МНР треба да изготви стратегија за интегрирање преку алтернативни средства. Најважно е граѓаните да добијат опипливи придобивки од ЕУ.
За нас најважен е единствениот европски пазар, а еден од најперспективните начини Македонија да се интегрира во европскиот економски простор е преку поблиско усогласување со правилата на игра. Слично како Норвешка или Исланд, кои не се членки на ЕУ, но имаат корист од учеството во Европската економска област (ЕЕА), Македонија може да добие пристап до единствениот пазар, особено во денешното нестабилно време.
Заборавивме дека ЕУ има право да склучува билатерални договори со земји кои не се членки, и тоа на различни полиња. Македонија би можела да има корист од оваа форма на договор за засилено партнерство, особено во промените на државниот апарат и унапредување на граѓанската вклученост во политиката.
Со проширување на соработката во клучните области – економски, безбедносни, културни и политички – можеме да создадеме Европа, која ги одразува принципите на единство и заедничка цел кои отсекогаш биле во срцето на федералистичката визија. Местото на Македонија во Европа е очигледно: таа припаѓа во европскиот цивилизациски круг и има многу начини да се осигура просперитетот на народот на Македонија, без да се погледне на бугарскиот шовинизам и грчкиот евтин национализам!
Писмо до неговите колеги европски федералисти од Радован Спиридонов,
најдобар студент на сите македонски универзитети за 2022 година