Официјална Софија се плаши дека македонската влада под притисок од домашната јавност ќе се обиде да го одложи потпишувањето на договорот за добрососедство кој што беше најавен како извесен од премиерите Борисов и Заев на средбата во Софија.
Извори во Софија кои ги следат од блиску односите меѓу двете земји велат дека откако станало јасно дека Македонија поради блокадата од Грција не може да влезе брзо во НАТО и да ги започне преговорите за влез во ЕУ, за Скопје договорот не е приоритетет.
Дополнителна причина за негово одложување се силните реакции од македонската јавност која се противи за заедничко чествување на Илинден и други историски датуми и менување на сите историски учебници со кои се навредуваат чувствата на Бугарите и Грците, како што најави премиерот Заев.
Предходно министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров најави дека поради средбата со американскиот потпретседател Мајк Пенс и учеството на состанокот на групата А5 во Подгорица се одложува потпишувањето на договорот со Бугарија.
За бугарската страна ова е само алиби и бегство од прифатената обврска затоа што премиерот Борисов може да дојде до Македонија на било кој друг датум за да го потпише договорот.
Дополнителна нервоза во односите со Македонија се појави откако министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева на седницата на Комисија за надворешна политика на бугарското Собрание изјави дека нема официјална информација дека се одлага потпишувањето на договорот за добрососедство со Македонија.
Захариева предходно рече дека со признавањето на македонската држава во Бугарија го признала уставот и јазикот на соседната земја, за што беше остро критикувана од членови на бугарската академија на науките. Поради својот релативно позитивен однос кон Македонија Борисов и Захариева беа мета на критика од голем број други јавни личности и извесно е дека ќе претрпат политичка штета поради тоа.
Според Захариева претстои финален круг од преговорите со Македонија додавајќи дека бугарските влади од 2012 година следат една иста политика по однос на договорот за добрососедство.
Министерката Захариева наведе дека македонскиот премиер Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров спомнале за средбата во Црна Гора, но дека се уште нема точен термин.
“Поради тоа, немаме официјална информација дека се откажува потпишувањето, важно е договорот да се склучи и да постигнеме усогласување за текстот” коментираше Захариева.
Како што јавија медиумите во Бугарија , министерката за надворешни работи Захариева тврди дека во текот на викендот ќе бидат расчистени некои технички детали од договорот на бугарска страна по што може да почне усогласувањето.
За надминување на спорните прашања меѓу двете земји пред 4 години беа инволвирани експерти од македонската и бугарската академија на науките кои што и покрај неколку обиди не успеаа да најдат заеднички јазик.
Главен камен на сопнување е што бугарската историографија инсистира на непостоење на Македонската нација пред 1944 година со што сите личности од македонската историја како Миладиновци, Прличев, Гоце Делчев и многу други треба да бидат претставени како дел од бугарската нација.