Советот на албански амбасадори соопшти дека со посебно внимание ја следи расправата за можни законски измени од Уставниот суд на Македонија во однос на статусот на албанскиот јазик.
Во својата реакција Советот вели дека со доведување во прашање на овој статус не се нарушуваат само правата на Албанците, туку и самите основи на Македонија како мултиетничка и демократска држава.
„Албанскиот јазик не е само лингвистичка работа; тоа е симбол на идентитетот, историјата и достоинството на Албанците во Северна Македонија, кои се државотворен народ во оваа земја. Неговото прогласување за официјален јазик е резултат на долги напори и големи жртви на Албанците за еднаквост и правда. Одлуката на Уставниот суд во овој случај претставува важен доказ за посветеноста на државата кон принципите на еднаквост, единство и почитување на правата на етничките заедници. Секој обид за намалување на улогата на албанскиот јазик е во спротивност со духот и принципите на Охридскиот договор, историски договор кој стави крај на конфликтот на етничка основа и создаде основа за соживот и одржлив мир“, се вели во реакцијата.
На крајот, Советот на албанските амбасадори ги повика институциите во Македонија, политичките и правните чинители, како и меѓународните партнери, да ги заштитат досегашните достигнувања и да гарантираат целосно почитување на правата на Албанците како важен столб на стабилноста и евроатлантските интеграции на земјата.
„Северна Македонија има можност да докаже дека е модел на успехот на мултиетничкиот соживот, а зачувувањето на статусот на албанскиот јазик е камен-темелник во оваа насока“, се заклучува во реакцијата Советот основан во 2018 година во Тирана.