Денес меѓу точките од дневниот ред на 35-тата седница на Собранието на Република Македонија се наоѓа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вршење сметководствени работи. Предлог-законот треба да се донесе по скратена постапка. Тој ќе им овозможи на сметководителите, кои се дисциплински казнети и привремено избришани од регистрите, да ги потпишат годишните сметки, или финансиските извештаи за 2024 година.
Според текстот, што го предлагаат пратеници од владејачкото мнозинство, неисполнетата обврска за постојано професионално усовршување, поради која се казнети, сметководителите ќе мора да ја завршат до 31 декември 2026 година. Сега на 3 300 сметководители им е изречена дисциплинска мерка „привремено бришење од регистарот“: одземено и е правото на потпис на годишните сметки, зашто не посетувале доволен број часови обука кај консалтинг-куќите.
Согласно со постојниот Закон за вршење сметководствени работи, сметководителите и овластените сметководители за надградување на знаењето се должни да посетат обука за постојано професионално усовршување. Сметководителите треба да имаат вкупно 90 часа обука, а овластените сметководители 120 часови обука. Поради непочитување на овие законски одредби, Институтот на сметководители и овластени сметководители до 15 јануари 2025 година донел 3 300 решенија, со кои им се изречени дисциплински мерки „привремено бришење“ на сметководителите и овластените сметководители од регистрите за една година.
Сметководителите во изминатиот четврток организираа протест пред Министерството за финансии, на кој изнесоа повеќе барања, меѓу кои и најургентно изнаоѓање решение за оние, кои се привремено избришани од регистарот, за да можат да ги потпишуваат годишните сметки, но и законски измени, со кои на Институтот на сметководители и овластени сметководители ќе му се одземат, или строго ќе му се ограничат надлежностите за контрола на квалитет.
На протестот министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги ислуша сметководителите и им порача дека предлог-законски измени за решавање на нивниот проблем се веќе во собраниска процедура. Таа во петокот на средба со раководството на Сојузот на стопански комори појасни дека сметководителите, иако имаат дисциплински мерки, ќе можат да ги потпишат завршните сметки за 2024 година. Но таа нагласи дека тие ќе мораат да ги завршат законски предвидените часови за професионална обука. Министерката најави и дека ќе се провери состојбата во Институтот на сметководители и овластени сметководители и ако се утврдат какви било злоупотреби, како што обвинуваат сметководителите, тогаш ќе се преземат потребните мерки.