Доцна синоќа, парламентот на Словенија го одобри признавањето на независна палестинска држава, отфрлајќи го барањето на главната опозициска партија за референдум за ова прашање.
Словенечката влада минатата недела одлучи да ги следи Шпанија, Ирска и Норвешка во признавањето на Палестина како независна, суверена држава, како дел од напорите да се запре израелската офанзива во Појасот Газа.
Претставувајќи ја одлуката на Љубљана како „порака за мир“, премиерот Роберт Голоб рече дека тоа е важен чекор и предуслов за преговори за решение со две држави.
Владејачката коалиција има мнозинство во парламентот од 90 пратенички места, а документот за признавање на палестинската држава го одобрија 52 пратеници, со еден воздржан и без глас против, а претставниците на опозицијата ја напуштија седницата.
Во понеделникот Словенечката демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша поднесе барање за одржување консултативен референдум за признавање на Палестина.
Според словенечките медиуми, Јанша рекол дека владината одлука за признавање на Палестина веќе и нанела долгорочна штета на Словенија „бидејќи ја поддржува терористичката организација Хамас“.
Сите 52 присутни членови на владејачката коалиција гласаа против предлогот на Јанша за распишување референдум.
Министерката за надворешни работи Тања Фајон на “Х“.
„Денес е историски ден. Националното собрание на Словенија официјално ја призна Палестина, што ја прави 147-та земја што го направила тоа. Ова признание е израз на нашата посветеност на мирот и правдата. Словенија е на вистинската страна на историјата, придонесувајќи за решение за две држави за траен мир“, напиша Фајон.