Во текст со наслов ,,ДАЛИ СМЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА „БЕЗГОТОВИНСКО ОПШТЕСТВО“? професорот и претседател на Советот на град Скопје Трајко Славески со поширока анализа подготвена од порталот „Плусинфо“ за трендовите при замена на кеш парите со дигитални трансакции:
Идејата за т.н. „безготовинско општество“ датира од пред околу 125 години. Му се припишува на познатиот шведски економист Кнут Виксел. Факт е дека иако неговата родна Шведска е најблиску до неговиот идеал за одумирање на готовината, ниту една земја, почнувајќи од најразвиените, до ден-денес не преминала исклучиво на безготовинско плаќање за извршување на трансакциите.
Крипто-ентузијастите како да се оладија од очекувањата дека крипто-валутите (поточно, крипто-средствата), пред сѐ, биткоинот и етериумот, ќе ги истиснат и заменат современите пари. Се испостави дека тие се инфериорни во однос на современите пари за извршување на трансакциите, а користењето на крипто-средствата отиде во друга насока, пред сѐ, за шпекулативни цели, вклучително и олеснување на криминални активности.
Паралелно со ова, поголем број централни банки во светот започнаа подготовки за дигитализација на сопствените валути. И овој процес како да подзабави во последно време. Најблиску до реализација на оваа цел, според извештаите, е Народната банка на Кина.
Помешани се искуствата (и чувствата) околу предлозите за елиминирање на готовината (кешот) во економијата. Мислењата се поделени. Од една страна е постојаниот напредок со воведување на нови технологии и апликации за безготовински плаќања, а од друга се предностите во дадени ситуации и за одредени групи од населението од користење на готовината при извршување на плаќањата.
Факт е дека системите кои се технолошка подлога за безготовински плаќања во светот сѐ уште не се доволно робустни и сигурни за да обезбедат отсуство на испади во периоди во кои готовината е единствениот преостанат начин на плаќање. Таков беше случајот со неодамнешниот глобален колапс на системите што го користат оперативниот систем на Мајкрософт, при што, меѓу другото, беа засегнати и дигиталните плаќања. Во тие неколку дена драстично порасна користењето на готовината.
Понатаму, не се ретки случаите кога доаѓа до дефект на системот кај конкретен трговец, на пример, кафетерија, при што тие што не понеле со себе готовина остануваат без омилениот пијалок.
Вообичаено, како аргумент против целосното истиснување на готовината се наведува дека на тој начин најмногу би биле погодени повозрасните лица и сиромашните, кои пропорционално повеќе се потпираат на користењето готовина во споредба со другите слоеви од населението.
Но, во однос на возраста не треба да се генерализира, затоа што денес тие на возраст од 70 години не мора да се инфериорни во користењето на дигиталните услуги во споредба со помладите.
Останува проблемот со сиромашните кои од повеќе причини главно користат готовина при плаќањата, што претставува своевиден хендикеп и за нив. Сѐ повеќе во иднина ќе се соочуваат со проблемот за достапност на готовината, а не можат да користат некои од предностите при користење на платежни картичи, како, на пример, можноста за плаќање на поголеми износи на рати без камата.
Но, исто така, е факт дека користењето на готовината и пристапот до неа континуирано се намалува. Во светски рамки е присутен процес на затворање филијали од страна на банките и рационализација на мрежата на банкомати. Манипулацијата со готовината (транспорт, чување, обезбедување) повлекува трошоци и не е за чудење што трговци во некои изолирани подрачја во одредени земји, како, на пример, САД, преминале целосно на безготовинско плаќање.
Предлогот за целосно напуштање на кешот во Македонија како силен инструмент за борба против сивата економија е преуранет. Постојат други начини за ограничување и контрола на плаќањата во готово, како дел од сивата економија, кои им се добро познати на надлежните.
Готовината и понатаму ќе се користи од мнозинството граѓани, се разбира во помал обем. Препорачливо е дома да се има готовина за плаќање за основните потреби за период од барем неколку дена до недела, а секој џентлмен знае дека е пожелно во секој момент во паричникот да поседува мал износ на готови пари.
Конечно, приврзаниците на кешот ја истакнуваат неговата анонимност и слободата. Треба да се цени и ова мислење. Стравот од централна контрола од страна на институциите врз сите трансакции на поединците буди некои непријатни асоцијации.
Мислам дека е добра практиката во догледно време да им се остави на современите луѓе самите да одлучат во која мера, според сопствените потреби и преференции, ќе користат комбинација од користење платежни картички, апликации за плаќање и готовина за извршување на плаќањата. Со тек на време доаѓа до промена во однесувањето и вредностите на луѓето. Во овој контекст, при дадени околности, посегнувањето по готовина станува неприфатливо и одбивно за околината.
Истиснувањето на кешот е процес кој е длабоко напреднат и така треба да продолжи.
https://x.com/TSlaveski/status/1825497942590971918?t=9hD0prPhsbBUA76zrqrz7w&s=19