Слабости на разузнавачко безбедносниот систем, предлози и решенија – пишува Зоран Иванов (3)

Пишува Проф. Зоран Иванов
Екс директор на Агенцијата за разузнавање

Во првиот и вториот дел детално ги анализиравме проблеми. Кој е проблемот, „сива еминенција“ отпадоци од комунизмот како и нивните апологети. Каков проблем прават, ги злоупотребуваат службите и институциите на државата. Зошто има проблем, моменталниот систем односно информациско фокусиран модел за менаџирање со информации, карактеристичен за авторитарни режими, ги вреднува само суровите информации каде директорот или специјалистот од областа ја имаат клучната улога. За разлика од аналитичкиот модел, кој промовира аналитика и институционално знаење, без разлика кој ќе биде директор!

Во овој трет и последен дел од оваа сеопфатна анализа ќе дадам опции за можни решенија. Поради етиката повторно ќе се задржам на генерални клучни елементи, а се есенцијални во спроведувањето на решенија. Да почнеме по ред:

Правилен пристап

Секое решение почнува од тоа дека прво, мора да си признаеме дека имаме сериозен проблем! Односно дека системот не работи! Постојано е злоупотребуван и управуван од сосема погрешни луѓе!

Бесполезно е да се притиска копчето „рестарт“ на стар персонален компјутер кој не работи. Но, мора да разбереме дека компјутерот е расипан, треба да ги замениме деловите или да купиме нов компјутер!

Токму ова ни се случува со разузнавачко безбедносниот систем. Досегашните влади го притискаат копчето „рестарт, а компјутерот пак не работи“. Да биде проблемот уште поголем, моменталната влада се обиде да го врати компјутерот во употреба порачувајќи му на „механичарот за автомобили да му смени дел на компјутерот“! Тој сиромашкиот му замини делови, оние кои му се нашле во работилница односно делови кој тој ги разбира. Со експресна реформа на чеканот преку силни удари му вметна нови делови на компјутерот. Му вгради посилен вентилатор за ладење и ново апаратче за брисачи со повеќе брзини, сметајќи дека сега откако сме членка на НАТО ќе мора да работи побрзо и подобро.

Претпоставката на механичарот е одлична! Во НАТО треба да се работи побрзо и подобро. Но, потребно е замена на вистинските делови во хардверот на компјутерот. Наместо „вентилатор“ треба да купи нова матична плоча со нов чип (мозокот на компјутерот) со современа технологија. Наместо „апратче за брисачи“ треба да се купи нов софтвер. Сето тоа треба да го направи искусен ИТ инженер, а не механичар!

Секој треба да си ја работи својата работа најдобро што знае, механичарот да се грижи за колите да функционираат, а ИТ инженерите за компјутерите и софтверите. Само тогаш ќе бидеме респектирана и доверлива членка на НАТО и само тогаш ќе имаме бенефит од членството. Доколку продолжи овој тренд, апсолутно ќе ја изгубиме довербата од членките на НАТО и ќе пропадне во вода сите овие години на вложување на труд и пожртвуваност. Затоа решенијата за корекција на разузнавачко безбедносниот систем мора да бидат прецизни, точни, ефикасни и ефективни.

Предлог решение

Решението започнува со градење на темелите на македонскиот разузнавачко безбедносен систем преку образование, македонски основен курс за разузнавање! Второ, интегрирање на информациски моделот на менаџмент со информации кој ќе овозможи стекнување на институционалното знаење. Се друго е доградба и усовршување. Основниот курс за разузнавање ќе го реши проблемот со правилен избор на кадри. Ќе помогне да се ослободиме од старите истрошени кадри од претходниот систем. Воедно ќе ја минимизира партизацијата на службите, а информацискиот модел ќе овозможи контрола на работата на службите!

За читателите кои немаат познавање на оваа тема, потребно е да знаете дека само Република Македонија нема свој домашен разузнавачки курс. Сите наши соседни држави, а да не зборуваме во Европа и САД имаа свои домашни курсеви за разузнавање во форма која за нив најмногу одговара. Тоа може да ви го потврдат експерти или поранешни припадници на службите. Прашајте ги.

Бидејќи сите знаеме што значи да имаш образование и зошто, директно ќе објаснам како да се реализира и како тој основен разузнавачки курс ќе го промени и подобри системот!

Темелите на првиот пилот курс се реализираше во Агенција за Разузнавање во соработка со Факултетот за безбедност во 2018 година. Дали сеуште се користи, треба да се утврди. Идејата беше, за почеток сите припадници од двете служби задолжително да го поминат тој курс. Потоа да се проширува на останати заинтересирани. Не може веќе да си дозволуваме вработување во службите без основен курс за разузнавање! Во текот на курсот се прави проценка на нивните квалитети и афинитети и на тој начин се прераспоредуваат или во Агенција за Разузнавање или во Агенцијата за Национална Безбедност. Со овој курс, правилно ќе се распоредат кадрите, бидејќи разузнавачкото и контраразузнавачкото работење е сосема различно и се базира на посебни вештини и квалитети. Најважно е што сите припадници ќе имаат едукација со која ќе го зголемат квалитетот на разузнавачкото работење. Вака меѓу институционалната соработка ќе биде полесна и ќе „зборуваат на ист јазик“.

Курсот треба да го водат и реализираат пред се пензионираните кадри од службите. Тоа е искуство кои не смееме да го фрлиме, како што се прави денес. На овој начин се решаваат многу проблеми врзани за луѓето кои ги напуштаат службите. За ова во друга прилика. Воедно, дел од практичната настава може да учествуваат избрани странски експерти по посебен договор за одредени теми како гости предавачи. Целта е да се подели искуството и позитивната пракса од партнерите бидејќи како членка на НАТО мора да ја одржуваме компатибилноста со останатите служби.

Следно, основниот курс ќе служи како филтер за пречистување на несоодветниот персонал. Денес, најжешка тема е полиграфот, како една од мерките за контрола на персоналот. Но, полиграф без претходно завршен курс е како да се стави „р’ѓосана метална саксија за украс“. Со полиграфот ќе се пронајдат корумпираните припадници, но нема да го подобри квалитетот и начинот на собирање на информации. Тие што ќе го поминат полиграфот не значи дека ги бива за разузнавање или контраразузнавање. Основниот курсот и полиграфот меѓусебно се надополнуваат и мора да се интегрираа истовремено!

Денес полиграфот е попречуван бидејќи индивидуалци го гледаат како персонална закана! Сето ова покренува многу прашања за склоност кон криминал и корупција во нивното работење! Очекувано е дека ќе го блокираат полиграфот, бидејќи ако истите го направат, тогаш ќе мора да си заминат од тие функции или служби!

Со основниот курс за разузнавање ќе се промени разузнавачката култура. Тогаш полиграфот ќе биде средство, а не закана за припадниците.
За да нема дискриминација при избор на кадри, сите сегашни припадници на службите ќе им се даде шанса да го поминат курсот! Ова е позитивна пракса која Источно Европските држави Романија, Полска, Унгарија и Чешка го направија при трансформација на Армиите за членство во НАТО пред две декади. Оние кои нема да се препознаат во новиот систем достоинствено ќе бидат испратени во пензија или распределени на друго работно место. Дополнително, на овој начин партиите нема да може директно да влијаат и да инсистираат на вработувања на несоодветен кадар во службите.

Решавање на кадровското екипирање е дел целината. Потребно да се „купи нов софтвер“ односно да се промени моделот на менаџмент со информации.

Следно, потребно е да се воведе аналитички модел на менаџмент со информации бидејќи службите ќе можат да акумулираат знаење низ годините. Воедно ќе се минимизира партизацијата бидејќи директорот нема да ја има централната улога во менаџмент со информации. Со воведување на овој модел ќе се добијат капацитети кои сега ги нема во системот.

Прво, службите нема да собираат непотребни информации туку ќе се фокусираат на информации со кои јасно ќе ги дефинираат заканите кон државните интереси. Второ, ќе се стави контрола и правилно ќе се насочат ресурсите и финансиите. Трето, на меѓународната сцена информациите кои би ги презентирале ќе имаат контекст и релевантност. Така нема да се бара потврда и споредба на информациите со партнерските служби. Вака ќе се зголеми довербата кај партнерите. Тогаш ќе не почитуваат како достоинствен партнер, а не како агент.

Има повеќе различни пристапи кон воведување на овој модел. Начинот треба да го одберат службите откако ќе си „напишат домашно“. Односно сами да си најдат решените кое одговара на нивните услови, капацитети и ограничувања. Треба да се анализира позитивните пракси на другите држави, а не да се препишува!

Воведување на решенија кои фундаментално ќе го подобрат системот за безбедност и разузнавање се многу сензитивни, но не се невозможни! Сведоци сме на мултиплицирани проблеми поради погрешен пристап кон реформите. Сето горе наведено, може да се реализираат прецизно како со хируршки нож. Но, пред се потребно е разбирање и волја од политичките субјекти. Во спротивно ако и понатаму се игнорира овој проблем, може неславно да завршат како нивните претходници, поради несоодветни кадри во службите кои им даваат погрешни совети.

Двата први дела од анализата на Иванов

Слабости на македонскиот разузнавачко безбедносен систем – Пишува Проф. Зоран Иванов