„Скопија“ за Македонија на брифинг на НАТО „заради заштеда на време“?!

Скопје, како што бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера ја нарекуваше Македонија во Белград, се користи и на брифинзите во НАТО како начин за идентификација на земјава, но со варијантата „Скопија“, „само заради заштеда на време“?!

Така пишува српскиот дневен весник „Блиц“ во репортажата од Брисел од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Алијансата од пред три дена, насловена „Балканците се добредојдени, било во НАТО или на вафли“.

„Официјалните лица на НАТО со кои ‘Блиц’ разговараше во Брисел го фалат напредокот на Македонија, посебно по политичките промени (доаѓањето на Заев), но напомнуваат дека патот на Македонците до НАТО и понатаму е долг. Еден, но не и единствен проблем, е името на државата, кое Грција го оспорува. НАТО, како што беше речено, не посредува во тој спор, но го поддржува неговото решавање. Можеби е индикација за потенцијално решение името ‘Скопија’, како што на еден од брифинзите на маргините на состанокот е нарекувана Македонија, иако, како што е нагласено, тоа име е користено неформално, само заради заштеда на време. За НАТО официјалното име на Македонија е Бивша југословенска република Македонија (F.Y.R Macedonia), пишува „Блиц“.

Проблем со името на државава имаше и претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, при посетата на македонскиот премиер Зоран Заев пред неколку дена, кога на прес-конференцијата по средбата рафално испука „Македонија, ФИРОМ, Скопје“, а неговата реакција веднаш стана хит во медиумите низ светот.