Навидум тесни, а во основа доста лесни и очекувани, и пред се, нови и важни победи остварија и машкиот и женскиот тим на Вардар во натпревари од Лигата на шампионите, што безмалку во исто време се играа попладнево.
Посилните славеа кај Кристијанштад со 26-23 за петти триумф во шест кола (еден меч е реми) во групата А во која црвено црните водат со 11 бода. Избалансиран напад со трио со по седум голови (Дибиров, Кристопанс и Борозан) одлична одбрана предводена од Штербик (11 одбрани само во првите 30 минути) и две серии на средина од првото полувреме го направија ова шведско гостување за релативно едноставно за Европскиот првак.
ЖРК Вардар имаше нешто полошо прво полувреме во Скопје во кое дури и губеше со 11-10 на полувреме, но дилема околу тоа кој е подобар и кој ќе победи немаше, што се виде во вториот дел кога девојките на Ирина Дибирова брзо направија 4 предност и славеа со 30-27. Најефикасна кај вардарки беше Пенезиќ со 7 погодоци. ЖРК Вардар има четири успеси по ред и е убедливо водечка екипа во групата Ц.
Утре од македонските тимови настапува Металург кој го дочекува Чеховски во меч од 17 часот во Борис Трајковски.